Трет конкурс за кадети во Центарот за обука на пилоти

Центарот за обука на пилоти (ЦОП) го објави третиот конкурс за кадети, кои ќе се обучвуаат 19 месеци, по што ќе се стекнат и со офицерски чинови - поручник, со гарантирано работно место.

Секој циклус е предвидено да има само четворица кандидати за обука, кои имаат завршено високо цивилно образование, информира денеска министерот за одбрана Талат Џафери, кој се сретна со директорот на Центарот за обука на пилоти Јаари Шрага и кадетите од првата и втората генерација кои се обучуваат.

- Основната обука е за хеликоптери, но и за други потреби. Целта е Центарот, кој работи во првите осум години ќе работи на принципот на јавно-приватно партнерство со израелската фирма „Елбит“ и МО, да прерасне во меѓународен, со соодветна правна рамка, изјави Џафери. Тој нагласи дека конкурсот е отворен за сите млади лица, но неопходно е да се запазат поставените критериуми.

Центарот е димензиониран да обезбеди школување пилоти и обука на симуалтори за МО и за МВР кое располага со исти или слични хеликоптери. ЦОП располага со авиони Злин 242Л и хеликоптери Бел 206Б.

Од првата генерација во Центарот четири кандидати веќе ја завршија првата фаза на обуката и се наоѓаат во втора, додека во втората селекција се избрани тројца кандидати кои ќе ја отпочнат првата фаза на обука за пилоти. Мила Матиќ е една од селектираните 96 кандидати кои се пријавија на конкурсот во првата генерација во Центарот за пилоти.

Дејан Славевски, кандидат од првиот конкурс во Центарот за пилоти ги повика сите млади кои ги исполнуваат критериумите, да се пријават на конкурсот затоа што, подвлече, тоа е шанса да се стекнат со знаење и да добијат идна професија која е атрактивна, но и опасна.

- Доколку има голем број пријавени ќе се изберат најдобрите. Во самиот процес на селекција не се земаат предвид етничката или верската припадност на кандидатите, туку секој оној кој заслужува и има добра желба, ќе биде примен, рече Славевски.

Директорот на ЦОП Шрага,најави дека дел од активностите се обука и симуалција со многу напреден систем, што се користи веќе и во НАТО.

Договорот за соработка во декември 2012 година со израелската фирма „Елбите системи“ го потпиша тогашниот министер за одбрана Зоран Коњановски. Израелската компанија „Елбит“ e партнер на МО во изградбата на Центарот. За оваа намена од државниот буџет беше планирано да се одвојат по 5,3 милиони евра во следните осум години.

Обврска на израелската компанија ќе биде изградба на Центарот и обезбедување персонал. Со текот на време, планирано е да се зголемува бројот на обучувачи од македонска страна кои ќе ја превземат работата на центарот.