Груевски: Жерновски досега требаше да ја заврши ревизијата на „Скопје 2014“

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски во недостаток на идеи што да работи во наредниот период најавува ревизија на проектот „Скопје 2014“ што ќе трае шест месеци.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на новинарско прашање по посетата на плажата и пристаништето во Дојран, инвестиција на АД ЕЛЕМ.

Тој посочи дека му е мило што Жерновски повторно најавува ревизија на проектот и што конечно ќе почне, но, како што рече, не му е јасно зашто му се потребни шест месеци кога ревизијата за 40-ина јавни набавки од кои најголемиот дел се споменици и за кои ја има неопходната документација може да се заврши за неколку дена, а максимум за две недели доколку ја работи само еден човек.

- Жерновски најавува дека ревизијата ќе ја врши повеќе од еден човек. Не ми е јасно што правеше досега. Еден месец цело време зборува дека ќе прави ревизија и се уште не ја спроведе. Би бил среќен што побрзо да ја направи за да се види дека нема ништо од сите обвинувања што доаѓаа од него и од целата опозиција, изјави Груевски.

Тој додаде дека се надева дека Жерновски ќе има доволно доблест откако ќе заврши ревизијата да се извини за се што говореше досега.

- Не можам да разберам зошто му се потребни шест месеци за нешто што, според моето искуство и знаење, се неопходни само четири до пет дена или максимум една недела. Мислам дека му е потребно алиби дека во идниот период нешто ќе работи, а всушност тоа е алиби за неговото неработење и неправење конкретни дела за општината што се неопходни за граѓаните, истакна Груевски.