Груевски: Вработувањето на социјално ранливите обид да им се помогне на најзагрозените

Интересот на објавениот оглас за вработување на 1.600 лица од социјално ранливи категории во државните инститиуции е голем. Апликации се веќе пристигнати, а премиерот Никола Груевски ветува правичен избор врз основа на јасни и прецизни критериуми.

- Интересот е засега голем. Уште првиот ден почнаа да пристигнуваат апликации. Нашата цел е да се направи целосно и многу валидно евалуирање на сите апликации што ќе дојдат. Имаме многу јасни и прецизни критериуми и поткритериуми со бодување и како премиер се што е во моја моќ ќе направам сето тоа да се заврши на еден начин кој ќе биде максимално правичен, а да нема ситуации каде некој неправично ќе отиде погоре или подолу на листата и ќе има посебен фокус на таа работа затоа што ова се лица кои се од најтешки категории и не смееме да дозволиме да се почувствуваат онеправдани. Се разбира, не може да им помогнеме на сите кои ќе поднесат апликации, меѓутоа оние кои се согласно критериумите ќе бидат највиско пласирани. Тие се оние кои ќе бидат прифатени и понатаму доквалификувани и прифатени на различни работни места на јавната и државната администрација, изјави премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по традиционалниот појадок со бизнис заедницата.

Тој потенцира дека овој оглас е дел од ветувањето дадено на локалните избори и оти е обид да се помогне на овие најзагрозени категории лица, пред да се донесат законски измени кои предвидуваат и бараат повисоки перформани. Рече дека ќе има сериозни ограничувања и компетиција при примањето луѓе во администрацијата.

- Тука спаѓаат оние долгорочно невработени лица со над десет години немање работа. Тука спаѓаат лица со многу деца, а со многу ниски приходи. Тука влегуваат и самохрани родители кои имаат многу ниски приходи и другите категории и лица кои немаат ниту еден вработен во семејствота, а имаат исклучително ниски приходи. Ова е обид да се помогне на најтешко, на најмногу загрозените лица. Нормално, на нив ќе им бидат извршени дополнителни обуки, дополнителна квалификација да стекнат знаење за да бидат корисни и да се чувствуваат задоволни кога ќе придонесуваат на нивното работно место, истакна премиерот Груевски.