Македонија, Црна Гора и Србија потпишаа спогодба во областа на ИКТ

Македонија, Црна Гора и Србија денеска потпишаа спогодба за соработка во областа на информатичко-комуникациските технологии.

Спогодбата ја потпишаа македонскиот министер за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, вицепремиерот и министер за информатичко општество и телекомуникации на Црна Гора, Вујица Лазовиќ и вицепремиерот и министер за надворешна и внатрешна трговија и телекомуникации на Србија, Расим Љајиќ.

Со спогодбата владите на трите држави ќе се залагаат за унапредување на трилатералната соработка во областа на информатичките и комуникациските технологии,  како и за создавање услови за инвестиции и заеднички вложувања во проекти од взаемен интерес.

- Како земји напредуваме во развојот на интернетот и компјутерската писменост, а во Македонија настојуваме со преземање на многу активности широкопојасниот интернет да биде достапен до сите граѓани. Во наредниот период со Црна Гора и со Србија ќе споделуваме заеднички искуства и идеи, со цел да напредуваме и да ги достигнеме западните развиени земји, изјави Ивановски по потпишувањето на спогодбата.

За време на денешните разговори, како што посочи, произлегла и иницијативата да се упати апел до регулаторните тела за електронски комуникации на Црна Гора, Србија и на Македонија, да ја разгледаат можноста граѓаните на трите земји да користат изедначени роаминг услуги.

Ивановски, кој присуствува во работна посета на Црна Гора, имаше обраќање и на министерската сесија во рамки на Меѓународниот форум за информатички достигнувања „ИнфоФест“, што се одржува во Будва.