Средба на Попоски со почесните конзули на Македонија во странство

Да се подобри можноста за поефикасна промоција на Македонија, да се стимулира системски пристап односно начин тие редовно да добиваат информации за можностите во земјава во делот на бизнис контактите и инвестициите, но и да се следат остварувањата и да се постават одредени цели во сите земји каде што се наоѓаат.

Ова е целта на денешниот работен состанок на министерот за надворешни работи Никола Попоски со 40 - тина почесни конзули на Македонија во странство. Како што изјави Попоски, состанокот е добра можност почесните конзули да се запознаат и со можностите кои ќе постојат во следниот период, за што ќе имаат можност и на терен да контактират со странските инвеститори кои веќе се дојдени во Република Македонија.

- Не во секоја земја истиот тип информации и активности се релевантни. Надвор од брошурата, која ќе им биде на некој начин прирачник за дејствување, е да идентификуваме каде има зголемен потенцијал за привлекување туристи, онаму каде што има простор за привлекување инвеститори, да се посветиме на можностите што ги имаме, а каде што сметаме дека можностите за извоз се клучна предност, тоа треба да се  стори, но и да ги искористиме во земјите членки на ЕУ и на НАТО да добијат подобра слика за сите процеси кои се одвиваат кај нас и кои се клучните аргументи што можат да ги користат во нивните разговори со политички претставници во земјата на прием, изјави Попоски.

Во рамки на МНР ќе се ангажираат луѓе кои ќе работат исклучиво со почесните конзули, информира тој, и ќе им даваат и ќе прибираат информации за нивните активности, за да може да се следи колку се остварува за секоја од земјите и за почесните конзули.

Според него, имаме почесни конзули кои навистина имаат придонесено за поголема афирмација, поголема соработка и инвестиции во Република Македонија.

- Се обидовме да ги анимираме сите оние каде што немаме дипломатско присуство, иако ништо не може да замени ДКП, но во делот на промоцијата и бизнис релациите, почесен конзул може да заврши многу корисна работа, рече шефот на дипломатијата.

Почесниот конзул на Република Македонија во Јордан Худа Нафар изјави дека добиле многу добри информации за економската состојба што ќе помогне, подвлече, да се подобрат економските релации. Таа посочи дека во Јордан може да се промовира Македонија на полето на туризмот, економијата, слободната трговија и повеќе други полиња. За почесниот конзул во Романија, кој во изминатите 4 години бил инволвиран во промоција на текстил, земјоделство и економија,  важно е Македонија да биде колку е можно попривлечна дестинација како за романските, така и за другите инвеститори. Оценувајќи оти состанокот бил навистина продуктивен, почесниот конзул во Турција изјави дека ќе се концентрира на туризмот, во кој, како што истакна, има големи потенцијали за директни инвестиции.