Груевски: Растот на БДП резултат на добрите придвижувања во економијата

Премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со најновите предвидувања на НБРМ за растот на БДП, Груевски рече дека тоа е резултат на добрите придвижувања во економијата оваа година.

- Централната банка претходно предвидуваше 2,3 отсто, но сега ја помести проекцијата на 3,3 проценти раст. Поместена е проекцијата и за следната година од 3,1 на 3,7 отсто, а за 2015 предвидениот раст е 4,4 проценти, напомена Груевски.

Позитивните раздвижувања, нагласи, ја изненадија Централната банка, ММФ и други меѓународни институции. Сега сите вршат одредени поместувања на проекциите кон повисоко зашто досегашните предвидувања се реализираа повеќе од очекуваното.

- Во првите два квартала растот е околу 3,3 отсто што укажува дека трендот е подобар, економијата доживеа побрзо раздвижување и анимирање. Иако ризици се уште постојат поради актуелната европска должничка криза, перспективите за Македонија се подобри и од тој аспект Централната банка ја изврши корекцијата, потенцира премиерот.

Промените во прогнозите, додаде, се воедно и резултат на мерките што ги презема Владата за подобрување на економијата, бизнис климата, привлекувањето странски инвеститори, поддршката и помагањето на домашните компании да дојдат до поевтини кредити,...

Премиерот е дециден дека Владата ќе продолжи да работи колку што е можно повеќе со цел работите да се придвижат побрзо.