Попоски: Засилени дипломатски активности во пресрет на Самитот на ЕУ

Министерството за надворешни работи ќе ги интензивни активности  во периодот до декемврискиот совет на ЕУ, но и потоа, бидејќи за државата е неопходно да ги почне преговорите со ЕУ, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски.

- Имаме редовни силни активности од аспект на комуникацијата која ја одржуваме со европските институции и со земјите членки. Тоа на што сме посветени е најмногу енергија да посветиме на декемврискиот самит, на клучната причина за блокада на нашата земја веќе петта година, а тоа е недостатокот од поддршка од нашиот јужен сосед за да се постигне консензус во Советот. Без такво постигнување консензус не е возможна одлука за почеток на преговорите со ЕУ, нешто што е веќе петта година препорачано од страна на ЕК. Нашите активности ќе бидат силни и ќе бидат интензивни и во периодот до декемврискиот совет, но и потоа, бидејќи објективно за РМ е неопходно да ги почне преговорите со ЕУ, а тоа впрочем го констатира и самата ЕУ, рече Попоски по работната средба со претседателите на стопанските комори во Република Македонија.

На новинарско прашање, шефот на дипломатијата изјави дека очекува на денешното гласање на Генералното собрание на ОН Република Македонија да ја добие поддршката од членките за влез во Советот за човекови права на Светската организација.

- Наша главна цел е со учеството во ова тело на ОН, кое би било прво од таков вид за РМ, да придонесеме за глобална промоција на човековите права и сметаме дека со она што го овозможуваме како Република Македонија и со принципите на меѓународно право кои ги промовираме, ќе бидеме навистина еден добар и забележителелен член во телото за човековите права на ОН, потенцира Попоски.