Груевски: Инвестирањето во образованието темелна определба на Владата

Премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска присуствуваа на отворањето на целосно реконструираното подрачно училиште „Тошо Арсов“ во населбата Македонка во Штип.

Премиерот Груевски истакна дека инвестирањето во образованието е темелна определба на Владата и дека тоа е единствениот пат кој на секој млад човек ќе му ги отвори вратите на животот, а воедно и пат кој ќе и обезбеди напредок на државата.

- Затоа Владата издвои околу седум милиони денари или преку 100 илјади евра за целосна реконструкција на ова училиште. Резултатите од овој потфат денеска се пред нас. Училиштето доби сосема нов лик, целосно нови услови за работа и одвивање на образовниот процес и севкупно може да одговори на потребите на учениците и наставниците. Со неговата реконструкција излегуваме во пресрет на сите семејства од населбите Чардаклија, Балканска, Македонка и Железничка, чии деца досега одеа во други училишта и други делови на градот, а отсега ќе можат да ја посетуваат наставата блиску до своите домови, рече Груевски.

Изминатиот период, додаде, Владата инвестираше во повеќе училишта меѓу кои основните „Гоце Делчев“, „Димитар Влахов“, средното „Сергеј Михајлов“, средното училиште со посебни потреби „Искра“, СУ „Коле Нехтенин“, се реконструираше и фискултурната сала во СУ „Славчо Стојменски“, како и училишната сала во ОУ „Гоце Делчев“.

- Продолжуваме со инвестиции во Универзитетот „Гоце Делчев“. Денес ги пуштивме во употреба новите лаборатории за радиофармација, лабораторија за животна средина и лабораторија за микроскопија на овој Универзитет, а во истиот дух ќе продолжиме и понатаму, рече Груевски.

Пред жителите на приградската населба Македонка соопшти дека градежната фирма избрана за изградба на автопатот Миладиновци – Штип најави изградба на 23 февруари, а исто така новата клиничка болница ќе се гради во јануари или февруари идната година.

Премиерот ја најави и изградбата на втората фабрика во ТИРЗ која, како што рече, ќе ја гради хрватска фирма. Штип и источниот регион во 2020 година ќе го добијат и карго-аеродромот.

Според министерот Ристовски, реконструкцијата на подрачното училиште „Тошо Арсов“ во населбата Македонка е завршена благодарние на ангажманите на градоначалникот на Општина Штип Илчо Захариев.

- За само четири месеци ја реконтруиравме зградата, гледавме да не го нарушиме стариот лик. Реконструирани се кровната конструкција, а учениците внатре добија современи услови за едукација, рече Ристовски.

Градоначалникот на Општина Штип Илчо Захариев напомена дека со инвестирањето во училишната зграда во населбата Македонка учениците и родителите најмногу добиле бидејќи веќе немаат потреба своите деца да ги носат во други училишта.

Премиерот Груевски присуствува и на пуштањето во употреба на повеќенаменското спортско игралиште во населбата Сењак изградено со средства од Агенцијата за млади и спорт.