Македонија и Бугарија заедно ќе бараат средства за железничко поврзување

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната средба во Софија го информирал својот бугарски колега Данаил Папазов дека целосно е подготвена проектната документација и финансиската конструкција за железничката делница Куманово – Бељаковце.

Јанакиевски посочил дека градежните работи се очекува да започнат во првиот квартал од следната година, а на почнувањето со градежните работи најавено е присуство и на министерот Папазов.

На средбата македонскиот министер информирал дека втората делница од пругата која треба да ја поврзува Република Македонија со Република Бугарија, односно секцијата Бељаковце – Крива Паланка се очекува да започне со изградба во втората половина од 2015 година  и дека е во тек изготвувањето детална документација за нејзината реализација.

Во однос на последната секција, од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, како што посочил министерот Јанакиески, предвидено е целосната документација да биде подготвена со средства од фондовите на Европската унија до крајот на 2016 година.

Двајцата министри ја реафирмирале посветеноста да ја засилат соработката со релевантните институции на ЕУ и сите меѓународни финансиски институции за обезбедување на потребните финансиски средства, неопходни за изградба на транспортната инфраструктура долж коридорот 8 и го изразиле својот интерес да соработуваат во проекти кои имаат за цел интегрирани транспортни услуги.

На билатералната средба било договорено преку ресорните министерства да се аплицира за средства за проекти на железничкиот коридор 8, како проект кој е од заеднички интерес за двете држави, а од бугарскиот министер за транспорт, информатички технологии и комуникации Папазов била понудена поддршка во институциите на ЕУ за обезбедување средства за изградба на железничката делница од Крива Паланка до границата со Бугарија во програмскиот период 2014-2020 година.

Средбата меѓу двајцата министри, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, се одржала во атмосфера на заемно разбирање и желба за унапредување на билатералните односи.