Честитка од премиерот Груевски по повод Денот на наставата на турски јазик

Почитувани претставници на турската заедница во Република Македонија,

 

Дозволете ми, во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, да ви го честитам 21 декември - Денот на настава на турски јазик.

Денешниот празник е уште една можност да ја одбележиме и прославиме долгата традиција на соживот и заедништво која постои уште од минатото и преставува трајна вредност која го одбележува животот и опстојувањето во Република Македонија. Турската заедница е почитуван и значаен дел од македонското мултиетничко општество, а ваквите празнични одбележувања ја потврдуваат нашата долгорочна посветеност за негување и унапредување на меѓусебните односи во државата, но и негување на пријателството и одличните билатерални односи со Република Турција.

Турската заедница во Република Македонија придонесува во општествениот, културниот, спортскиот, образовниот и економскиот развој на земјата, а нејзините претставници имаат значајно учество во промоцијата на нејзините специфики, но и во реализацијата на заедничките општествени цели. 

Би сакал да Ви го честитам денешниот празник кој симболично е поврзан со образованието на свој мајчин јазик како едно од основните права на човекот, а севкупно е уште едно обележје на турската заедница во Република Македонија. Наша трајна определба е таквите обележја да ги почитуваме, негуваме и прославуваме. Само на тој начин, со почит и взаемна соработка, со разбирање и заеднички сили, и со посветеност ќе успееме во нашата цел, а тоа е да обезбедиме квалитетен живот на нашите граѓани, економски развој и раст на стандардите во секоја општествена сфера, можности за развој на индивидуалниот потенцијал на секој поединец, и изградба на модерна и развиена Република Македонија.

 

                Ви посакам многу здравје, среќа и успех и пријатни празнични денови!

 

                Нека ви е честит 21 декември - Денот на настава на турски јазик !

 

                Со почит,

                                                       Никола ГРУЕВСКИ