Средба Груевски-Кени, потврдена ирската поддршка за Македонија

Македонскиот премиер Никола Груевски, кој учествува на самитот на ЕПП во Даблин, денеска имаше средба со неговиот ирски колега Енда Кени, на која беа потврдени добрите односи меѓу двете земји, но и поддршката што Ирска ја дава во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ.

На средбата беа констатирани добрите  ирско-македонски дипломатски односи кои оваа година одбележуваат 20 години од нивното започнување, а соговорниците се согласија дека покрај добрите и пријателски политички односи постојат капацитети и добар потенцијал за натамошно интензивирање на економските односи.

Македонскиот премиер изразил задоволство од поддршката што Ирска и ја дава на Република Македонија во процесот на европските интеграции, но ја истакнал и важноста на нејзиниот ангажман во рамките на институциите на Европската Унија, особено Европскиот парламент за задржување на континуитетот на проширување на Унијата.

Груевски посочил дека значајна цел и приоритет на Македонија претставува напредувањето во процесот на евроинтеграциите. Притоа, тој го запозна својот колега со реформите и чекорите кои ги презема Македонија, а се насочени кон подобрување на стандардот на граѓаните, зголемување на инвестициите и подобрување на капацитетот на институциите. 

Соговорниците на средбата разговараа и за повеќе актуелни теми и прашања при што премиерот Груевски го информираше Кени за спорот за името со Грција со барање за натамошна поддршка од Република Ирска за евроинтеграциските процеси на Република Македонија.

Премиерот Груевски втор ден учествува на Конгресот на Европската народна партија што се одржува во Даблин каде што се избира кандидат за претседател на Европската комисија.

Македонскиот премиер на маргините на Конгресот изјави дека идната Европска комисија треба да биде свесна дека прашањето за Македонија се уште не е затворено во однос на нејзиното зачленување во ЕУ.

Неговото присуство на Конгресот беше искористено за интензивна комуникација со присутните претставници на партиите од Европа и  нивно запознавање со реформите и чекорите што ги презема македонската Влада, како и со предизвиците кои стојат на патот на евроинтеграциите на државата и барање поддршка во натамошниот период.