Заев: Целосно ја отвораме Владата за граѓаните!
П1: Кои ќе бидат денеска приоритетни точки на владината седница?
Приоритетните точки се врзани со она што значи почеток на Влада, распределба на ресорите и портфолијата на министрите без ресори, поставувањето на замениците претседатели на Владата, избор на генерален секретар, шеф на кабинет, воспоставување на постојните комисии и оние што се ад-хок комисии во Владата на Р.Македонија за да може да ги поставиме стартните контури на самата Влада. Тоа е во суштина, стартните насоки за сите министри коишто ќе бидат добиени од мене согласно програмските определби на Владата на Р.Македонија.
П2: До кога ќе чекате господинот Зврлевски да поднесе оставка?
Денеска е првиот работен ден после мојот повик. Јас ги очекувам неговите реакции по основ на ова прашање. Навистина неколку пати кажав и пак ќе повторам, Реформите се приоритет на оваа Влада, реформите се нешто коешто граѓаните го очекуваат. Една од најзначајните реформи е реформата во правосудството и навистина знаејќи дека Владата предлага разрешување на Собранието, а тоа тоа го констатира и истовремено Владата дава предлог и за именување до Собранието коешто прави избор јас мислам дека на тој начин можеме да ги скратиме сите овие рокови. Еден од симболите за узурпирана правна држава е господинот Марко Зврлевски и затоа верувам дека треба ден поскоро да се заврши и тоа со оставката. Знам дека тој има и своја друга позиција таму во Обвинителството и што и да е, редот е да се даде шанса брзо да почнат реформите во правосудството
П3: Кои ќе бидат економските реформи?
Постојат многу економски реформи. Една од темите на неформалниот дел од Владата ќе биде пакет од триесетина закони којшто го подготвувавме целиот овој период додека граѓаните очекуваа нова Влада се со конечна цел без некаков специфичен импакт заради тоа што имаме Буџет таков каков што е оставен, веднаш да почнеме со реализација и имплементација. Дел од овие мерки ќе имаат своја реализација со новиот Буџет, но дел ќе почнат веднаш да се реализираат. Да не ги повторувам мерките, радиодифузната такса, враќањето на евтината тарифа на струјата, социјалниот аспект преку Министерството за труд и социјална политика за најранливите категории на граѓани. кои буквално допираат до секој ресор, тоа значи до секое семејство во Р.Македонија.
П4: Што ќе се случува со владината ограда и дали ќе го задржите мебелот од владината зграда?
Денеска јас ве повикувам да дојдете и да снимате пред да почне седницата на Владата, тоа е Влада на сите граѓани. Да ги видите сите детали, секако тоа е правено со народни пари. Одлуките ќе ги носиме соодветено, како што ќе ја согледуваме и чувствуваме потребата. Портите на Владата се отворени и тоа беше наједноставниот начин да го направиме уште пред почетокот на викендот и тоа веќе функционира. Мора согласно Законот за јавни набавки, да видиме што значи отстранување на портите или слично. Има убава креација меѓу граѓаните, од бетонските столбчиња може да се направат убави клупи за седење, металните огради да бидат добар покривач за самите клупи, но да видиме, архитетките и инженерите да дадат свој удел. Нашата намера е да ја отвориме Владата за сите. Верувам дека тоа е објект во кој граѓаните треба слободно да пристапат, слободно да комуницираат, слободно да бараат информации, слободно да даваат сугестии и да биде практично отворена. Да не биде само за ден кој е отворен за граѓаните и слично, туку да биде функционално тоа што значи Влада и конекција со граѓаните.
П5: Има ли потреба од ребаланс на Буџетот и кога би се случил ако има потреба?
Денеска, во првите извештаи, сите министри ќе реферираат во Владата, верувам дека и министерот Тевдовски ќе го направи тоа. Секако, јас сум информиран, но да ги почекаме овие согледувања кои што денеска тој треба да дојде подготвен. Мојот прв впечаток е дека некаде есента мора да следува ребаланс на Буџетот од проста причина поради политиките, владината програма и слично, но меѓу другото како што знаете, тоа зависи и од моменталната финансиска кондиција, ликвидност на Буџетот на Република Македонија.
П6: Кој ќе биде портпарол на Влада?
Уште немаме одлучено, разгледуваме со луѓе, размислуваме за експертски тимови во многу аспекти. Разгледуваме дури и ваши колеги новинари кои можат да имаат професионален ангажман. Јас апелирам ,оите тимови кои ќе разговараат и јас лично, да го сфатат ова како професионален ангажман, без какви било политички предрасуди. Сакаме да се поставиме комплетно отчетно, комплетно транспарентно и комплетно комуникациски поврзани со вас медиумите.
П7: Ќе имате ли средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети?
Јас би сакал уште денеска. Не сум организиран, после овој настан ќе вртам телефони, за да можеме да продолжиме во договарањето на другите аспекти на поставувањето на контурите на Владата, како што се замениците, директорските места во јавни претпријатија, агенции и слично и распределбата на она што значи експертска поставеност во вклученоста на владините органи..