Премиерот Заев на средба со претставници на Синдикатот на работници во Југохром: Почна решавањето на проблемот со Југохром!
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, заменикот на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и претставникот од Министерството за животна средина, Лирим Шабани, денеска се сретна со претставниците на Синдикатот на работници во комбинатот Југохром, Бајрам Амити и Светислав Спасовски, како и со генералната секретарка на СИЕР, Маре Анчева.
На средбата се разговараше за можноста за рестартирање на комбинатот Југохром, којшто не работи веќе 8 месеци, поради што 1.200 вработени се без егзистенција.
„Решение за проблемот има, ако постои волја од сите засегнати страни. Проблемот треба да се реши институционално. Ќе направиме се, преку активна посветеност, да помогнеме ова прашање да се реши“, рече претседателот Заев.
Претставниците на Синдикатот на работници на Југохром го изложија проблемот со којшто се соочени изминатите месеци, по престанокот на работа на комбинатот. Се пожалија на несериозен однос кон прашањето изминатите месеци, поради што цели семејства гладуваат, а некои од нив заминале од родните огништа. Амити, Спасовски и Анчева во име на работниците од Југохром изразија верба дека новата Влада ќе најде решение во интерес на сите страни и на граѓаните.
На средбата премиерот Заев и владините претставници соопштија дека Владата со сериозност пристапува кон секое прашање што се однесува на потребите на граѓаните.
„Овде станува збор за можноста за обезбедување плати за 1.200 луѓе. Но исто така интерес и на општеството е овој единствен индустриски капацитет во тетовскиот регион да работи. Со тоа ќе прави профит, ако работи добро, ќе има можност и за повисоки плати на вработените и за нови вработувања, а тоа ќе придонесе и кон развојот на економијата кон што сме силно определени. Но важно е, за здравјето и на работниците и на сите граѓани во регионот, да бидат задоволени и потребните еколошки стандарди. Како што ветивме, еден од првите чекори што ги правиме е нашата заложба да помогнеме во решавањето проблемот со работата на Југохром“ рече претседателот Заев.
На средбата разгледани се повеќе приоди за надминување на проблемот. Премиерот Заев најави дека по денешната средба со синдикалните преставници на вработените во Југохром, тој и претставниците на Владата ќе се сретнат и со менаџментот на фабриката, во врска со поставувањето на еколошките филтри, како и со еколошките здруженија.