Средба на премиерот Заев со шпанскиот амбасадор Каранза: Мудрите политики отворија можност за развој на Македонија, Влада работи по европски вредности
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Шпанија, Рамон Абароа Каранза.
Шпанскиот амбасадор Каранза пренесе честитка до премиерот Заев од шпанскиот премиер Маријано Рахој, за преземањето на должноста претседател на Владата на Република Македонија, како и за неговите мудри политики што овозможија мирен трансфер на власта и можност за развој на Република Македонија.
Премиерот Заев истакна дека новата Влада е определена кон демократски политики, базирани на европските вредности, затоа што стратешки цели на Република Македонија се интеграциите во Европската унија и во НАТО.
„Владата е посветена на политики на создавање доверба и на градење независни професионални институции во земјата, како и на градење мостови на соработка со соседите и со земјите од демократскиот свет. Република Македонија и нејзините граѓани заслужуваат перспективи и квалитетен живот и ние како Влада сме подготвени на тоа макотрпно да работиме, затоа што веруваме во успехот што следува“ рече премиерот Заев.
На средбата се потенцирани како важни инклузивните политики на премиерот Заев и новата Влада во престојниот процес на демократизација на општеството. Како посебно значајни се посочени реформите во правосудството, за да се овозможи функционирањето на правната држава и достапност на правдата за сите граѓани во државата.