Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна 49-та седница
Владата на Република Македонија денеска, на 49-та седница, ја разгледа и усвои информацијата за воведување на проект „Субвенциониран студентски оброк и други студентски потреби“, и го задолжи Министерство за образование и наука да изготви предлог законски и подзаконски акти за имплементација на проектот, најдоцна до 31.05.2018 година, во соработка со Министерство за информатичко општество и администрација; Министерство за труд и социјална политика; Министерство за финансии; Министерство за економија, Генерален секретаријат и Кабинет на министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни компании, Зоран Шапуриќ.
Проектот „Субвенциониран студентски оброк и други студентски потреби” предвидува можност за субвенционирање на потребите на студент по негов избор, и тоа: оброк, автобуска карта, карта за во театар, книга и други услуги, во текот на денот, а плаќањето ќе се врши преку мобилен телефон или дигитална студентска картичка.
Овој проект, повеќе од 10 години успешно се спроведува во Република Словенија. Од страна на тамошните институции постои согласност и поддршка за имплементирање на проектот и во Република Македонија, со одредени прилагодувања, согласно финансиските можности на Република Македонија. Притоа, од страна на Владата на Република Словенија постои согласност за техничка поддршка и асистенција при реализација и имплементација на овој проект во Република Македонија.
Во делот на прегледот на состојбите и напредокот во процесот на европска интеграција, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за формирање на „Управен комитет на Конзорциумот за зајакнување на изборните и политичките процеси и Владата на Република Македонија за поддршка на спроведување на клучни реформи“.
Во рамките на оваа информација, Владата ги задолжи ко-претседавачите на Управниот комитет, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и заменик претседателката на Владата и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, да ја информираат Владата за напредокот во реализација на предвидените активности најмалку на квартално ниво.
Управниот комитет има за цел да обезбеди поддршка за Владата на РМ во идентификувањето и развивањето на приоритети за техничка помош за зајакнување и за спроведување на реформите со зајакнување на капацитетите во сферата на доброто владеење.
На денешната седница Владата ја усвои Информацијата за Годишна програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2018 година, и донесе Одлука за давање согласност за реализација на поднесената годишна програма на Јавното претпријатие за државни патишта.
На денешната, 49-та седница на Владата, е разгледана и усвоена Информацијата за напредокот на спроведување на процесот на изработка на Стратегискиот одбранбен преглед 2018 (СОП 2018). Владата го задолжи Министерството за одбрана да продолжи со втората етапа на процесот за изработка на СОП 2018, како и да работи на натамошниот развој на предлог текстот на Стратегијата за одбрана согласно планираната динамика.
Владата денеска ја усвои информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со набавката на медицинска опрема, медицински и немедицински инвентар во јавните здравствени установи и ЈЗ Специјална болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо-Охрид со вредност во висина од 150, односно 120 милиони денари за оваа, и за 2019 и 2020 година со утврдена динамика на плаќање за секоја година.
Владата ја разгледа Информацијата за тековните и планираните активности на Националниот Комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам и ги утврди роковите за изработување на националните стратегии и акциски планови за спречување на екстремниот радикализам и за борба против тероризмот.
Владата на Република Македонија на денешната седница разгледа и усвои извештаи за годишното и финансиското работење на повеќе јавни претпријатија и комисии, како и предлог програмата за работа на Дирекцијата за заштита и спасување за 2018 година.
На предлог на Министерство за правда, на денешната седница е разгледана и усвоена информацијата за Програма за обесштетување на дете кое е жртва или е оштетено со дејствие кое со закон е предвидено како кривичнo делo на насилство и на други акти на индивидуално или групно насилство за 2018 година.
Министерство за труд и социјална политика предложи, а владата усвои повеќе програми од сферата на социјалната политика за 2018 година како Програмата за субвенционирање на потрошувачката на енергија, Програма за развој на дејноста за заштита на децата, Програма за остварување на социјалната заштита, како и Програма за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со најмалку 80% телесна попреченост на долните екстремитети, лица со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица.