Денеска, во Секретаријатот за европски прашања беше означен стартот на проектот за изградба на автопатот Скопје - Блаце, клучка Стенковец, на кој се обратија Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, претставникот на компанијата и тим лидер на проектот, Мартин Осборн, како и Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.
„Конечно ставаме точка на автопатското поврзување меѓу Македонија и Косово, означувајќи го формалниот старт на проектот Скопје - Блаце“- истакна Османи, посочувајќи дека проектот е од стратешка важност за нашата земја од неколку причини: како проект со кој се поврзуваат Скопје и Приштина со автопат; проект кој претставува дел од т.н. „конективити“ агенда за поврзување на земјите од Западниот Балкан; но и автопат кој ќе овозможи унапредување на трговската размена, ќе обезбеди потенцијал за економски напредок, потенцијал за бизнисот итн.
„Со овој проект, не само што Македонија и Косово стануваат поблиски соседи, туку и двете земји создаваат коридори за унапредување на европските конекции, градејќи европска иднина за двете земји“ - истакна Османи. Тој потенцираше дека за овој проект веќе е обезбеден грант од 1,3 милиони евра ИПА средства кои се неповратни; за изградбата на патот побарана е финансиска поддршка во рамките на Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ) од 27 милиони евра, исто така неповратни средства; за останатиот дел, Османи посочи на заем од Европската Банка за Обнова и Развој, како главен финансиер на проектот.
На прес конференцијата се обратија и Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, како и Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов. Тие посочија дека заради побрзо реализирање на проектот изградбата на автопатот Скопје-Блаце е поделена на две подделници, со цел побрзо завршување на проектот и отпочнување на градежните работи на пократката делница. Првата делница, во должина од околу 2,0 км, започнува од ГП „Блаце“ до првата клучка „Блаце“, односно спојот со локалниот пат кон с. Блаце, за чија градба и надзор средствата се обезбедени од Буџетот на ЈП за државни патишта и чија реализација се очекува побрзо да стартува. Втората подделница, е од клучката „Блаце“ до Скопје (клучка „Стенковец“), во должина од околу 10,5 км, како што појаснија говорниците, претставува сложен градежен проект, во кој се предвидени 4 тунели во должина од околу 4 км, 8 мостови и други придружни објекти. Реализацијата на овој проект се очекува да трае три години.