На 123-тата седница Владата на Република Северна Македонија го утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Царинската тарифа и донесе одлука да го достави до Собранието.
Со предложените измени и дополнувања на овој закон ќе се овозможи исполнување на обврската за транспонирање на националното законодавство утврдена во Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, како земја кандидат, а воедно се обезбедува и правна основа за еднообразна примена на Царинската тарифа.
Со оваа измена на Законот за царинската тарифа се овозможува менување на номенклатурата на национално ниво за да обезбедат услови за попрецизно определување на производите што подлежат на повластена стапка на ДДВ и други мерки поврзани со увоз и извоз.
Истовремено, со овие измени се создаваат услови за потполна примена на интегрираната царинска тарифа што треба целосно да почне да се применува со новиот систем за обработка на царински и акцизни документи.
На предлог на Министерство за информатичко општество и администрација Владата го утврди текстот на Предлог-законот за електронско управување и електронски услуги што ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија
Со овој закон се уредува работата на органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа при размена на податоци и документи во електронска форма, односно остварување на електронски услуги, кога тоа е утврдено со закон, како и работата на судовите, јавните обвинителства и државното правобранителство, субјекти од областа на образованието, здравството, социјалната заштита, финансиите, банкарството, осигурувањето, енергетиката, водоснабдувањето, електронските комуникации, поштенските услуги и комуналните услуги при размена на податоци и документи во електронска форма, односно остварување на електронски услуги, и воедно се уредуваат и прашањата поврзани со воспоставувањето и функционирањето на Националниот портал за електронски услуги, Каталогот на услуги и Една точка за услуги.
Владата го разгледа и утврди новиот текст на Предлог-законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги за да се отстранат постојните бариери за прекуграничната употреба на средства за електронска идентификација користени во земјите членки на ЕУ. Целта на оваа регулатива, а со тоа и на овој Предлог-закон, е да се воспостави сигурност за пристап до прекугранични електронски услуги, како и да се оствари безбедна електронска идентификација и проверка на автентичност.
На оваа своја 123 редовна седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за централен регистар на население за да се утврди унифициран и единствен начин на водење на поединечните бази на податоци, врз основа на утврдени стандарди и процедури.
Овие стандарди и процедури кои ќе го допрецизираат принципот на унифицираност при електронска размена и интеграција на податоци, како и принципот на единственост, ќе обезбедат основи за доследна имплементација на принципот на доверливост, со што ќе се зајакнат механизмите за заштита на личните податоци на населението.
Регистарот за населението во Република Македонија ќе ги обезбеди основните предуслови за пристап на граѓаните до јавните услуги обезбедени од страна на надлежни органите и други лица.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за продолжување на Договорот со Економската интересна група „Еуметнет“, која има за цел да ги поддржува нејзините членки и да ја организира соработката на мрежата за да им помогне во обезбедување на водечка експертиза за времето, климата, животната средина и поврзаните активности, како и да обезбеди техничка поддршка на соодветната научна заедница што ја покрива оваа област.
На оваа своја седница Владата на Република Северна Македонија ја усвои „Националната стратегија за развој на туризмот на Република Македонија за 2016-2021 година со Акциски план 2019-2021”.
Владата го разгледа новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди за да се обезбедат средства за доделување на државна награда за човекови права „Мето Јовановски“, која за прв пат треба да биде доделена оваа година на Меѓународниот ден на човековите права 10 декември.
Министрите во владата на оваа седница ја прифатија Информацијата во врска со потпишување на билатерална Спогодба меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање на нов граничен премин во Регионот на Преспанското Езеро кај месноста Маркова Нога.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата во врска со потребата од потпишување Договор меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за организирање на заедничка изложба во Скопје во текот на 2019 година, и го задолжи министерот за култура на Република Северна Македонија, Асаф Адеми, во име на Владата , да го потпише Договорот за организирање на заедничка изложба во Скопје во текот на 2019 година.
На седницата е разгледан и прифатен усогласениот текст на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Франција која се однесува на средните училишта со франкофонски двојазични паралелки, и го овласти Министерот за образование и наука д-р Арбер Адеми, да ја потпише Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Франција која се однесува на средните училишта со франкофонски двојазични паралелки.
Со оваа спогодба, според Министерството за образование и наука, во голема мерка ќе се унапреди и прошири соработката на билатерален план со Република Франција, во областа на двојазичната настава и ќе се подигне квалитетот на истата со имплементирање на европските искуства.
Владата на РСМ на оваа своја седница го констатираше поднесувањето на оставката од страна на директорот на Истражниот затвор во Шуто Оризари Ѓоко Котевски. Со оглед на тоа што оставката е поднесена во период откако се објавени претседателските избори, истата ќе се разгледува после завршување на изборите, штом заврши забраната за разрешување и именување согласно Изборниот законик.
Владата на Република Северна Македонија на оваа своја седница го именуваше Илбер Села за директор на Агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците. Именувањето е извршено во согласност со законските прописи, а конкурсот за избор за директор на Агенцијата е отпочнат и завршен пред распишување на претседателските избори.