Премиерот Заев на средба со генералниот секретар за меѓународни и економски односи во грчкото МНР, Брахос: Економските придобивки од постигнувањето на историскиот Договор во Преспа ќе бидат нова реалност за граѓаните од двете земји

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со генералниот секретар за меѓународни и економски односи во грчкото министерство за надворешни работи, Јанис Брахос кој беше придружуван од амбасадорот Димитрис Јанакакис и делегација од канцеларијата за економски прашања при Генералниот секретаријат во Владата на Грција.

На средбата се зборуваше за придобивките од постигнувањето и практичната имплементација на Преспанскиот договор и за интензивирање на економската соработка и релации помеѓу двете пријателски земји, што ќе резултира со зголемување на трговската размена и економски придобивки кои ќе бидат видливи и почувствувани од граѓаните во двете земји.

„Нам ни претставува огромно задоволство што денеска нè посетивте. Ваквите средби во иднина ќе бидат сè почести и редовна пракса, бидејќи со Грција започнавме да градиме искрено пријателство кое ќе го негуваме преку зголемена соработка, пред сè на економски план, а потоа и во области како што се културата, образованието и здравството. Сакаме да им покажеме на граѓаните од соседна Грција, дека сме посветени на целосна имплементација и почитување на Договорот од Преспа, дека ќе работиме на унапредување на економската соработка, а бенефитите ќе бидат видливи за граѓаните од двете земји“, порача премиерот Заев.

Генералниот секретар за меѓународни и економски односи во грчкото министерство за надворешни работи, Јанис Брахос ја потврди заложбата на Грција за градење на пријателство со нашата земја и за интензивирање на политичките и економски односи преку иницијативи за поблиска соработка и координација на економските ресори од двете земји.

Премиерот Заев ја посочи важната улога на лидерството што Грција го има во регионот за зголемувањето на регионалната соработка што е важен чекор за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и информираше дека процесот за полноправно членство на нашата земја во НАТО се одвива навремено и брзо и воедно претставува голем успех за Северна Македонија и нејзините граѓани.

На средбата беше посочено дека сега е вистински момент да се постигнат конкретни резултати на економски план преку стратешко партнерство помеѓу двете земји како што е предвидено во Преспанскиот договор, а посебно преку интензивирање на соработката на проекти кои значат енергетско и инфраструктурно поврзување.