Како завршница на официјалната посета на Црна Гора, претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев и црногорскиот премиер Душко Марковиќ, одржаа прес-конференција на која информираа за резултатите од посетата на македонската владина делегација на Подгорица.
Прес-конференцијата следуваше по заедничката седница на двете влади, на која се разменија информации и мислења за можностите за продлабочување на односите меѓу двете земји, и на која се потпишаа договори и меморандуми за соработка во областите на внатрешните работи, во животната средина и во здравството.
Премиерите Заев и Марковиќ денеска ја поздравија и работата на стопанствениците на Бизнис форумот, што, како дел од програмата, ја организираа стопанските комори на двете земји.
Во продолжение на ова соопштение ви ја пренесуваме во целост изјавата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев од прес-конференцијата:
Дозволете на почетокот да им се заблагодарам на граѓаните на Црна Гора, за огромното гостопримство, за чувството што го имаме како да сме дома, кое што го овозможи вашата влада, вашите министри, претседателите на државата и на парламентот.
Моето обраќање го започнувам со искрени честитки за вашиот празник – 21 мај, Ден на независноста, што го прославивте пред неколку дена. Мене ме радува што сите овие години на независност, како и во сите години претходно во заедничката држава, нашите две земји беа одличен пример на искрено пријателство што го негувавме низ годините и децениите, и што тоа се надоградува во сите овие години.
Денеска одржавме заедничка владина седница, како прва, историска, владина седница. Потпишавме 4 договори и меморандуми од областа на одбраната, на внатрешните работи за заштита на тајните податоци, како и во екологијата и здравството.
Се одржаа билатерални состаноци на министрите за земјоделство, за транспорт.
Заедно имавме можност да бидеме на Бизнис форумот што го организираа двете комори - Стопанската комора на Северна Македонија и Стопанската Комора на Црна Гора. Ги охрабривме бизнисмените и деловните луѓе да го следат пријателството меѓу нашите две влади, меѓу нашите две земји и да ја унапредат економската соработка меѓу компаниите.
Вчера имавме средба со Претседателот на Парламентот на Црна Гора, Брајовиќ и со пратениците, а потоа имавме и средба со Претседателот Ѓукановиќ, и разговаравме за сите сегменти од взаемната соработка.
Сакам да испратам огромна благодарност што Црна Гора во целиот овој период ни дава голема поддршка за нашето членство во НАТО и ЕУ. Црна Гора беше меѓу првите земји што го ратификуваше протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО, којшто ги охрабри сите други земји да тргнат во брза постапка за ратификација на протоколот. Црна Гора беше најактивната земја членка на НАТО којашто работеше за нас во сите наши чекори до пристапување во алијансата.
Црна Гора е еден од нашите први пријатели и во нашиот процес за членство во ЕУ. Премиерот Марковиќ, на Претседателот Ѓукановиќ, на сите свои средби го потенцираат нашето право, после 14 години да добиеме датум за почеток на преговори. Јас сум му благодарен на премиерот Марковиќ, на целата влада на Црна Гора, затоа што навистина и помагаат на нашата земја како да се борат за својата земја. Тоа треба да го знаат граѓаните и на Црна Гора и на Северна Македонија. Тоа искрено пријателство треба да им даде сериозна позитивна перцепција на граѓаните дека имаме огромни перспективи за секаков вид соработка.
Ние очекуваме ова лето, конечно датум за почеток преговори по поглавја после 10 позитивни препораки од Европската Комисија. Да бидам искрен, нема да застанеме тука во нашата благодарност за помошта од вас. Секогаш сме тука и да возвратиме, но вашето искуство од поглавјата кои успешно ги затворате, и на внимателен начин ја носите Европа во Подгорица и Црна Гора, е огромно знаење и потенцијал.
Пријателството меѓу нашите две земји нека остане убав спомен за генерациите што доаѓаат после нас. Секако, овде нема да застанеме. Ќе продолжиме понатаму. Имаме убави перспективи пред нас.
Испраќам пораки и до соседните земји ова убаво искрено пријателство меѓу нашите две земји да биде урнек, модел, и за другите, затоа што ако Западен Балкан и Балканскиот полуостров подобро соработуваат, и Европа повеќе ќе нѐ цени и почитува.