Претседателката на Инспекцискиот совет Филиповска-Грашкоска: За четири дена спроведени над 11 илјади надзори, сите инспектори се на терен во интерес на здравјето на граѓаните

Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната прес-конференција во Владата ги презентираше наодите од инспекциските надзори од повеќе инспекциски служби во надлежност на Советот, кои интензивно се спроведуваат на терен, со цел да гарантираат целосно почитување на мерките на Владата за заштита од КОВИД-19.

Претседателката на Инспекцискиот совет соопшти дека во периодот од 19-22 март шест инспекторати направиле вкупно 11.358 надзори.

 

Државниот пазарен инспекторат има извршено вкупно 9.658 надзори во периодот од овие четири дена и продолжува со истата динамика на контролирање.

„Притоа се затворени вкупни 21 угостителски објект во Скопје, Куманово, Битола, Кочани, Гостивар и Струга. Овој инспекторат покрај контролите на угостителските објекти и на трговците со одлука на Влада е задолжен да ги контролира и замрзнатите цени на одредени производи. За периодот од 19-22 март Државниот пазарен инспекторат направил вкупно 869 надзори на цените на производите. Притоа кај одредени трговци од малопродажба се констатирани промени на цени, но веднаш се задолжени да постапат по Одлуката и истите ги вратиле старите цени од 11-ти март“, рече Филиповска-Грашкоска.

Филиповска-Грашкоска истакна дека во периодот од 19-22 март, Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вкупно 111 надзори. Во овој период од 4 дена издадени се вкупно 5.130 дозволи за влез на професионални возачи на товарни возила во Република Северна Македонија.

„Овие дозволи се потребни за непречено снабдување на државата со неопходните стоки, но под посебниот протоколарен режим при патувањето и при влезот во земјата донесен од страна на Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Констатирано е дека возачите се придржуваат на пропишаните препораки за заштита од КОВИД-19“, рече Филиповска-Грашкосока.

Претседателката на инспекцискиот совет посочи дека Државниот инспекторат за труд во периодот од 19-22 март спровел вкупно 463 контроли при што се донесени 11 решенија и 20 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.

Трудовиот инспекторат од вчера ги интензивира посетите на производствените погони коишто добија препораки за заштита на вработените од КОВИД-19.

„Со цел навремено да се вршат контролите и да се проверат што е можно поголем број на субјекти, Управата за јавни приходи ги стави на располагање сопствените капацитети и ресурси на Државниот пазарен инспекторат“, рече Филиповска-Грашкоска.

Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од 19-22 март спроведе 189 надзори. При тоа во два објекти констатирана е работа на лица без санитарни прегледи, неправилно означување и не водење записи. Во три објекти констатирани се неправилности во однос на општата хигиенска состојба во објектите, а во 8 месарници констатирани се неправилно декларирање на месото, несоодветен термички режим на чување на месото.

Државниот инспекторат за транспорт којшто истото така ги има зајакнато контролите на терен, констатира дека нема промена кај меѓуопштинскиот сообраќај, односно истиот се одвива со намален интензитет од 68-80 проценти, а меѓународниот линиски превоз на патници е во целосен прекин.

„МАЛМЕД (Агенцијата за лекови) во периодот од 19-22 март изврши вкупно девет надзори. Од овие надзори би ги издвоила следењето на доставата на подлоги за брис од Инситут за јавно здравје Скопје до инфектологот во ЈЗУ Општа болница Дебар и доставата на лекови во овие две општини. Инспекциските служби со сите свои капацитети продолжуваат интензивно да работат на терен. Порачувам дека секој, без исклучок кој нема да се придржува до мерките на Владата ќе биде санкциониран. Овие мерки се донесени во интерес на здравјето на граѓаните и на јавното здравје и мора да се почитуваат. Повикувам на одговорност од секое правно лице, од секоја индивидуа во нашето општество. Јавното здравје зависи од сите нас“, апелираше Филиповска -Грашкоска.

На прес-конференцијата присуствуваа и директорите на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова, на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Висаре Риза, на Државниот инспекторат за труд, Аљадин Хавзиу, на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини и на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.