Филков: Градиме институции што работат за граѓаните, а не за привилигираните

По една година од формирањето на Владата, Министерството за правда презентира јасни резултати од процесот на рестартирање на правосудниот систем. Од нефункционална институција со затекнати долгови, блокирани механизми и изгубена доверба, Министерството денес се позиционира како столб на реформите и гарант на владеењето на правото.

Во изминатите 12 месеци, подготвени се и доставени до Владата 22 системски закони, од кои 13 се директно предвидени со Реформската агенда. Станува збор за закони што го засегаат правосудниот систем – изборот, оценувањето, платите, статусот и одговорноста на судиите и обвинителите, како и институционалните капацитети на Советите, вештачењето и службите во правосудството.

Клучен меѓу овие е новиот предлог Закон за Судскиот совет, кој претставува коренита промена во начинот на кој се избираат и разрешуваат судиите, како и во одговорноста на самите членови на Советот.

,,Од осумте закони во Реформската агенда со рок до јуни 2025, седум се веќе испратени во владина процедура : Закон за платите на судиите, Закон за платите на јавните обвинители, Закон за платите на членовите на Судски совет, Закон за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, Закон за Судскиот совет, Законот за судска служба, Законот за јавнообвинителска служба. Во однос на 8-от закон од реформската агенда,  Изборниот законик , текстот е  подготвен од страна на стручните служби во Министерството за правда, во согласност со препораките на ОДИХР. Предлогот е испратeн на мислење до ОДИХР.  Воспоставена беше комуникација и беше одржан  состанок со претставниците на ОДИХР, за обезбедување на експертска помош за целосно усогласување на одредбите со препораките на ОДИХР”, изјави министерот за правда, Игор Филков.

Покрај реформските закони, Министерството за правда подготви и два важни закони кои не беа дел од Агендата, но произлегуваат од обврските кон ЕУ и препораките на ГРЕКО – Законот за заштита на укажувачи и Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Реформите не останаа само на хартија – во изминатава година, меѓу другите активности:

-Поништивме одлука на претходната Влада со која беше десеткратно зголемена Нотарската тарифа

-Се активираше Комората на вештаци

-Се стави во функција системот „Фемида“ за снимање судски      рочишта

-Започна примена на електронските алки за извршување мерки

-Се отвори канцеларија за поддршка на жртви на насилство

-Формиравме нов Совет за координирање на информатичко комуникациската технологија  во правосудството

-Го промовиравме првиот водич за бесплатна правна помош во постапките за азил

-Започнавме едукативна кампања „Наша надлежност, твое право“

„Затекнавме министерство без стратегија, без систем и без волја. Денес, правдата зборува гласно, со системски алатки, закони и професионални тела. Градиме институции што работат за граѓаните, а не за привилегираните. И ова е само почеток“, порача Филков.

Министерството за правда најавува продолжување на реформската агенда со еднакво темпо, политичка волја и стручна посветеност.