На предлог на Министерството за образование и наука, Владата на Република Северна Македонија донесе уредби со сила на закони со кои се предвидува основните и средните училишта, како и високо образовните и јавните научни установи да организираат далечинско учење, односно учење од дома со примена на средства за електронска комуникација и тоа да се спроведува во овој период кога е прогласена вонредна состојба. За овие новини во областа на образованието денес на прес-конференција информираше министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Согласно уредбите секоја образовна установа индивидуално треба да одлучи за формата на далечинско учење која ќе ја примени, земајќи ги предвид можностите на сите вклучени страни во образовниот процес за користење на одредено/одредени средства за електронска комуникација – видео конференциски платформи, електронска пошта и слично, кои обезбедуваат взаемна двонасочна комуникација и настава без физичко присуство на засегнатите. Наставниот кадар е должен за време на далечинското учење да реализира настава, да организира вежби, тестирања, проверка и објективно оценување на знаењето на учениците.
Адеми информираше дека во најголем дел, високообразовните и јавните научни установи веќе применуваат одредени платформи за далечинско учење, така што, како што посочи, предизвикот во делот на високото образование е помал во однос на предизвикот на основните и средните училишта.
„Ние препорачуваме примена на унифицирана национална веб платформа која се изработува во моментов од страна на Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Британската амбасада, наречена е Е-училница, а која ќе биде достапна веќе од утре“, рече Адеми, додавајќи дека платформата наменета за основните и средните училишта, се изработува по примерот на платформи за далечинско учење од земјите во регионот кои се покажуваат како практично применливи и ефективни, а како најдобар пример ја посочи Република Хрватска.
„Платформата чија употреба е едноставна, ќе понуди видео лекции, односно разработка на методски единици за сите одделенија и сите задолжителни предмети. Видео лекциите ќе бидат во траење од 15-тина минути и ќе бидат придружени со презентација и нарација/објаснување од наставник, односно наставничка што ќе покаже интерес и ќе се пријави за оваа цел“, нагласи Адеми.
Адеми посочи дека МОН веќе ги извести сите основни и средни училишта за оваа национална платформа за далечинско учење, со апел до наставниците да се вклучуваат во пополнувањето на истата и информираше дека до овој момент се имаат пријавено околу 600 наставници, а бројката од ден во ден постојано расте.
„Со задоволство информирам дека веќе пристигнуваат видео лекции. Имаме пријави за над 1000 лекции, а пристигнати се досега околу 400 лекции. Истите се проверуваат од содржински аспект и се внимава да не се повторуваат, односно за една тема од учебник да има една лекција. Секако очекуваме бројката драстично да расте во следните денови, а во меѓувреме апелираме на трпеливост до целосно пополнување со содржини за сите одделенија и по сите предмети“, нагласи Адеми.
Линкот до оваа прва национална платформа за далечинско учење во земјата е www.eduino.gov.mk.
Граѓаните можат да доставуваат предлози и препораки до Министерството за образование и наука во насока на евентуално подобрување на функционалноста на платформата во иднина, со што, како што рече Адеми би се обезбедил траен систем за далечинско учење кој ќе остане и ќе биде подготвен да се применува секогаш кога ќе има потреба од истиот