Спасовски: Изборите се решение за успешен излез од здравствената и економската криза со спроведување на изборен процес со максимална заштита на сите учесници во него

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски одржа прес-конференција по повод стартот на изборната кампања.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:

„Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,

Почитувани претставници на медиумите,

Од денеска започнува изборната кампања за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 15 јули.

Овие избори ќе бидат запаметени заради тоа што ќе се одржат во услови на пандемија каква што светот не памети во својата понова историја.

Денеска да си посакаме овие избори да ги паметиме и заради нивното успешно спроведување и во овие услови. Да биде запишано дека се организирани и спроведени со максимална заштита по здравјето на граѓаните, во фер и демократска атмосфера, во која граѓаните ќе го остварат своето право на глас и на избор.

Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт.

Изборите се решение за да излеземе успешно од оваа здравствена, социјална и економска криза.

На нашата парламентарна демократија, но пред сѐ на јавното здравје, и на сите наши граѓани, на сите, потребно ни е ново активно Собрание и целосно функционална политичка Влада. За да можат да се носат сите неопходни одлуки за менаџирање на здравствената и економската криза.

Државата и институциите покажаа капацитет за справување со последиците од коронавирусот, но следната фаза мора да биде спроведување на изборен процес со максимална заштита на сите учесници во него.

На 15 јули граѓаните, согласно сите мерки за заштита, ќе го искористат своето право на глас и ќе обезбедат целосно функционални и легитимни институции.

Подготовките се веќе започнати и во тек се сите активности за да се обезбедат услови согласно протоколите за безбедна кампања, за потребните неопходни услови за работата на Државната изборна комисија, на сите избирачки одбори и на целиот систем на мониторинг на изборниот процес.

Правото на граѓаните да го искористат својот глас нема да го загрози нивното здравје. Се повикувам на епидемиолозите, кои потенцираа дека процесот на гласање не ги изложува гласачите на ризик, доколку ги почитуваат мерките.

На гласачките места се задржуваме 3-5 минути, што е помалку од нашето одење во маркет или на пазар. Значајно е да разбереме дека треба да ги носиме маските и да одржуваме дистанца. Да си го оствариме граѓанското право, но и обврската да создадеме функционални институции, затоа што во Северна Македонија, граѓаните одлучуваат какви ќе бидат институциите и системот.

Почитувани,

За прв пат организираме избори како земја членка на НАТО, и како земја кандидат која е во последната фаза за членство во ЕУ и за која се подготвува преговарачката рамка.

Тоа е уште една обврска повеќе и мотивација за посебен ангажман за организирање и спроведување на избори по европски стандарди.

Овие избори се прилика во која мора да дојде до максимален израз личната, политичката и професионалната одговорност и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија.

Да отвориме максимален простор за демократската волја на граѓаните да учествуваат во изборот на нова, политички легитимна Влада, која ќе продолжи да ја води Република Северна Македонија на вистинскиот пат - како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија.

Нашата земја треба да го задржи признанието дека во изминатите три години до ниво на препознаен модел го унапреди концептот за развој на едно, еднакво и праведно општество за сите.

Да го дадеме сите, секој сопствениот придонес, и во изборната кампања да ги афирмираме вредностите на нашето општество кое овозможува толеранција и разбирање за другиот.

Изборната кампања, сите политички партии, секој непосреден учесник во изборната трка, членовите и симпатизерите на партиите, секој граѓанин, сите општествени институции, сите заедно да придонесеме за еднакви услови и за фер натпревар на изборни програми, без говор на омраза.

Организирањето на фер и демократски избори е врвен приоритет на преодната Влада.

Затоа секое грубо кршење на ова право ќе биде санкционирано, прво од институциите, а уште поважно од судот на јавноста.

Секое кршење на мерките за заштита од корона ќе биде казнето прво од граѓаните, затоа што сите сакаме оваа криза да заврши што поскоро и да ја поминеме со што поблаги последици, а тоа значи почитување на мерките.

Секоја злоупотреба на државни ресурси за партиски цели ќе биде најстрого санкционирана. Институциите сега се транспарентни, не се како порано затворени, и граѓаните имаат целосен увид. Ова е порака за најмногу за функционерите.

Надлежните институции ќе ги добијат целокупната поддршка и помош за организација и спроведување на изборите.

Очекувам професионална соработка помеѓу Владата, а особено со Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, како и со сите органи и тела кои имаат соодветна улога во организацијата и спроведувањето на изборите.

Со организацијата на локалните избори во 2017 година, на референдумот во 2018 година и на претседателските избори во 2019 година поставивме стандарди кои не смеат да бидат нарушени и кои ќе бидат водилка и за организација на изборите закажани за 15 јули.

Особено е значајно граѓаните да бидат мотивирани да учествуваат во демократскиот изборен процес во колку што е можно поголем број, да имаат поттик да гласаат на изборите и да веруваат во изборниот систем. Граѓаните се носители на демократијата.

Тие ги носат одлуките. Тие ќе ја изберат политичката опција на којашто ќе и ја дадат довербата да ја води земјата во наредните 4 години.

Очекувам одговорност од сите учесници во изборниот процес. Свој посебен придонес во таа насока треба да дадат и активните политички функционери со тоа што нема да ги злоупотребуваат државните ресурси во изборната кампања.

Во минатото се случуваше гласот на граѓаните да се злоупотреби или попречи. Но, во повеќе изборни циклуси покажавме дека тоа време заврши. Денес, Република Северна Македонија е слободна и демократска држава. Тука слободно и по свое убедување се гласа.

На 15 јули ќе имаме демократски избори. Здравствено безбедни, со максимално доследно внимание за почитување и применa на пропишаните мерки и протоколи.

Нагласувам уште еднаш: Имаме историска одговорност да продолжиме со организација и да спроведеме избори какви што доликуваат на земја членка на НАТО и на земја на европската демократија, која ја чекори последната фаза до полноправното членство во ЕУ“.