Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска беше во посета на детската градинка „Детска Радост“ клон Темјанушка во населбата Автокоманда , Општина Гази Баба, каде што изминатиов период се работи на нејзино реновирање.
„Навистина задоволството е огромно кога се работи на проект со кој се обезбедувааат прекрасни услови за згрижување на децата во градинките, преку реновирање на постоечките, проширување на капацитетите и отворање на нови. Таков е случајот и со детската градинка „Детска Радост“ клон Темјанушка ,каде што се наоѓаме денес, кои преку програмата на Владата за намалување на аерозагадувањето во делот за енергетска ефикасност е направена целосна промена на прозорците и во моментов се работи на нејзино внатрешно реновирање односно санитарните јазли и подот,“-истакна Шахпаска.
Притоа, таа го посочи и отворањето на новата градинка во Стајковци како уште еден успешен проект кој е во завршна фаза и исполнување на целта зголемување на бројот на деца на ниво на општината.
„Како Министерство целта ни е и да правиме децентарализација на социјалните услуги во локалните средини, таму каде што граѓаните престојуваат и живеат и оттука потребата за отворање на собата за аутистичен спектар на нарушувања која вклучува не само деца од претшколска туку и деца од школска возраст и тоа е наш заеднички приоритет и за општината и за нас како Министерство“, посочи Шахпаска.
Таа изрази задоволство на подготвеноста на општината Гази Баба и градинките во неа, за доследното почитување на Протоколот и фактот дека досега во оваа градинка нема позитивен случај на КОВИД 19.
Министерката Шахпаска и градоначалникот на Општина Гази Баба, Горгиевски за периодот кој следува најавија отворањеи реновирање на уште градинки со кои капацитетите за сместување на деца би се зголемил. Само за последниве две години во Општина Гази Баба е обезбеден престој за нови 220 деца, преку отворање на градинките Морковче во Јурумлери и Калинка во населба Железара.