Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев ја прими претседателката на Европскиот економски и социјален комитет Криста Швенг, која вчера и денеска е во нашата земја по повод Форумот на граѓанското општество на Западен Балкан.
Премиерот Заев уште еднаш ја поздрави организацијата на форумот кој се одржува како подготвителен настан за Самитот на ЕУ за Западен Балкан, кој на 6 октомври во Словенија ќе ги собере шефовите на држави и влади на земјите членки и на земјите од регионот и ја нагласи важноста на централната тема на форумот „Зајакнување на пристапниот процес - Кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан“.
Претседателот на Владата Заев на средбата, на којашто присуствуваше и шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, амбасадорот Дејвид Гир, нагласи дека очекува препораките од Форумот на граѓанските организации од Западен Балкан да бидат дел од новиот импетус за поддршка на проширувањето, кој е толку неопходен за да се направат потребните чекори за деблокирање на проширувањето на ЕУ.
Заев потенцираше дека за Владата на Северна Македонија е апсолутно редовна практика во справувањето со заедничките предизвици и проблеми кои не се само политички, туку и економски и социјални, социјалните партнери и граѓанските организации да имаат клучна и суштинска улога со нивното активно вклучување во креирањето на политиките, особено во делот на имплементацијата на „зелената агенда“ во согласност со директивите на ЕУ.
Претседателката на Европскиот економски и социјален комитет, Криста Швенг на средбата ја потврди определбата за забрзување на процесот за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, што од форумот во Скопје ќе биде вклучена во декларацијата на граѓанското општество од регионот и нагласи дека примерот на Република Северна Македонија е инспиративен заради големата посветеност што земјата ја манифестира за европеизација на своето општество и особено во делот на дијалогот со социјалните партнери и граѓанското општество.