Делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од премиерот Зоран Заев, заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за здравство д-р Венко Филипче положи венци свежо цвеќе пред спомен обележјето на зградата на некогашниот полициски участок во Прилеп, со што започнаа дводневните свечености по повод 80 годишнината од народното востание и државниот празник 11 Октомври, кои денеска и утре ќе се одржат во градовите херои Прилеп и Куманово, и во Скопје.
Свечената програма за одбележување на значајниот јубилеј и во чест на 11 Октомври – Денот на народното востание, потоа продолжи на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, во рамките на која со обраќања пред присутните гости од земјата и од странство се обратија претседателот на Владата Зоран Заев, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците од НОАВМ 1941-1945, д-р Никола Стојановски и градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски.
Со честитките за празникот и желбите за вековита држава и почит кон делото на борците од народно-ослободителната војна, премиерот Заев истакна дека 16-мината младинци кои на 11 октомври во 1941 година во Прилеп презедоа диверзантски акции со кои го означија почетокот на народното антифашистичко востание и создавањето на самостојна македонска држава, и за таа цел сопствениот живот го направија оружје за таа идеја, затоа што знаеја, затоа што видоа, затоа што препознаа, дека слободата, правдината и државата се на чекор до остварување.
„Останаа записите на тогашниот окупаторски воен суд во кој е запишано дека напаѓачите располагале со околу дваесет пушки и со неколку бомби. Со 300 до 400 куршуми, со леб и со други намирници. Ете тоа е запишано во прецизните судски записи, но, не е запишано најсилното оружје кое што го поседувале овие грст млади луѓе: Силниот порив, силната волја и одлучност, да се кренат против фашистичките окупаторски војски. Да го продолжат државотворното дело на сите претходни генерации кои ја сонуваа самостојната македонска држава“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.
На крилата на тие дела, на илјадниците животи и на нивните завети, продолжи Заев, се крена народно-ослободителната борба, се организираше партизанското движење и народниот отпор.
Во име на должната почит, инспирација и восхит за нивните револуционерни и слободарски дела, нашите ослободители од народно-ослободителната војна ги именуваа партизански одреди со имињата на Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански. Ги опеваа нивните имиња во борбената песна „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“ и го вееја знамето на Крушевската Република за ослободување на Македонија, за создавање на државата и за изградба на општество достојно на вредностите на прогресивните, демократски, антифашистички сојузнички сили на епохата.
„Тоа е Епохата од која 11 Октомври - Денот на народното востание, е врежан со златни букви во колективната меморија на нашиот народ. Големо дело. Дело кое ги вивна вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава. Дело кое израсна врз рушевините и погромот на ужасите на Втората светска војна, и дело кое ја создаде државноста на нашата земја преку победата над фашизмот. Заедничката победа на прогресивните народи на Европа и Светот“, нагласи претседателот на Владата Заев и додаде дека за сето тоа беше поднесена огромна жртва. Втората светска војна на нашата територија заврши со околу 25.000 загинати борци и други жртви.
Премиерот Заев потенцираше дека празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато, и дека празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година правиме подобра држава, поубаво место за живеење.
„Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите космополитски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите. Нашите борци од народно-ослободителната војна, и сите наши претходни генерации, оние што ги вградија своите дела и животи во слободата, ни ја дадоа државата како дом за сите, дом на слободата и општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други“, посочи премиерот Заев.
Во годината кога одбележуваме уште еден голем јубилеј - 30 години независна држава, рече премиерот Заев, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сите постулати на државност, со место во Обединетите Нации и со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет.
Со упорност и одважност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција, како крупни, храбри чекори за да потврдиме дека нашата земја била, и секогаш ќе биде Европа, истакна премиерот Заев и додаде:
„Дезинформираа дека наводно сме го бришеле АСНОМ од нашата историја, од нашиот Устав. Никогаш, по никоја цена! Не само што не се избриша во Преамбулата на Уставот, туку напротив, АСНОМ сега се спомнува и вреднува уште повеќе. Уште посилно го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција на нашата земја. Се зборувало ли повеќе, било кога, за македонскиот јазик. Посветивме и Ден, празник на македонскиот јазик, тоа 5 Мај. Ни се исполнија градите со гордост кога на јарболот пред седиштето на НАТО, се издигна македонското знаме и кога беше интонирана македонската химна“, нагласи Заев.
Благодарение на сето ова се реализираше една од нашите најважни стратешки цели за државата, полноправното членство во НАТО, и од држава оставена на маргините денес сме дел од моќното НАТО семејство, потенцираше премиерот Заев и додаде дека презедовме чекори за да им докажеме на последните скептици дека Северна Македонија треба да биде новата ѕвезда во европското соѕвездие, дека го заслужуваме тоа место и дека ќе го добиеме.
„Никој нема забелешки на нашите реформи. Напротив, препознаени се и пофалени. Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности. Овој развој на државата е неопходен пред сè за сите нас овде во Северна Македонија. За жал нашето столче во Европската Унија сè уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед“, истакна премиерот Заев.
Претседателот Заев во завршницата на своето обраќање рече дека многу е важно да се биде дел од историјата што ќе се памети, да се биде инспирација и поттик за нови успеси за секоја идна генерација.
„Оваа генерација избра да ја обезбеди иднината на Северна Македонија како членка на НАТО и да ја оствари нашата следна стратешка цел - да бидеме членка на ЕУ. Овие две стратешки определби се само логични чекори за создавање просперитетна иднина за сите наши граѓани и посебно за младите. Да ги стимулираат младите токму тука, во нашата земја, во својата општина, да градат своја, подобра и побогата иднина. Дома да ја реализираат сопствената економска благосостојба и напредок на личниот живот, но и да овозможиме квалитетен заеднички живот и социјална правда во нашето општество. Затоа, за нашиот историски предизвик, повикувам секој од нас да го даде својот придонес . Сите заедно да оставиме длабоки траги на тој пат“, потенцираше премиерот Заев.
„За остварување на оваа цел имаме на кого да се угледаме, и тоа го правиме денеска кога се сеќаваме и им се поклонуваме на сите оние кои никогаш не се запрашаа за цената на слободата, правдата и социјалната еднаквост. На сите оние кои ни оставија аманет да се обединиме околу овие вредности и да ги надминеме поделбите. Да го зајакнеме заедништвото коешто како завет нѝ е оставено со Крушевскиот манифест, со народно-ослободителната антифашистичка војна и со АСНОМ, и со референдумот за независност“, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија во своето обраќање на свеченоста по повод 11 Октомври – Ден на народното востание и во чест на 80 годишнината од овој настан.
По своето обраќање, премиерот Заев им додели плакета со изрази на благодарност на д-р Никола Стојановски, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната војна на Македонија 1941-1945, и на Борко Зафировски, потпретседател на Главниот одбор на Сојузот на Борците, на која е запишано дека „во имe нa граѓаните и во име на Владата на Република Северна Македонија, им благодариме на борците од НОВ за нивниот историски придонес во создавањето на државата, вековниот сон за многу генерации, и им се поклонуваме за историската одлука во 1941 година да бидат дел од големата светска антифашистичка коалиција и со тоа да ја стават нашата држава во редот на прогресивните демократии во светот“.
Во продолжение на свечената празнична програма на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во Прилеп говореше и претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната војна на Македонија 1941-1945 д-р Никола Стојановски кој истакна дека антифашистичката и народноослободителна борба на македонскиот народ (1941-1944) година претставува континуитет во борбата за слобода на македонскиот народ и продолжување на историскиот процес за признавање на националната самобитност на Македонците и правото на самостојност.
„Поттикнати од своите идеали и државотворни стремежи, Македонците ги обединија силите и застанаа на страната на антифашистичката коалиција и зедоа активно учество во борба против фашизмот и окупаторите. Од овде од Прилеп ние борците ви упатуваме аманет да го чувате ова парче земја, да ги користиме сите дипломатски механизми за напредна држава. Заложбите за напредок ги поддржуваме и сите храбри чекори ги поздравуваме. Борците, нивните продолжувачи, сојузот на борците, треба и мора да се подржи од сите општествени субјекти во државата како важен субјект и столб на нашата државност“, повика претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната војна на Македонија 1941-1945 д-р Никола Стојановски.
Градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски посочи дека во Втората светска војна, Прилеп и прилепско дале 8.000 учесници, од кои 2.700 активни борци со оружје во рака. Прилеп дал 650 жртви, 15 народни херои и 154 носители на признанието „Партизанска споменица 1941“, а како резултат на придонесот на граѓаните на бунтовниот и слободарски Прилеп градот е одликуван со орден „Народен херој“.
„Секогаш кога бил на крстопат, нашиот народ покажал дека знае да ја одбере вистинската страна - страната на прогресивните сили. Така било и во далечната 1941, така е и денес, осум децении подоцна. Огромното мнозинство од македонските граѓани повторно е на страната на прогресот, кој денес се вика членство во НАТО алијансата и Европската Унија. Длабоко верувам дека патот кој го чекориме е вистинскиот пат“, нагласи градоначалникот Јованоски.
Празничната програма потоа продолжи со настапот на воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија, кој изведе сплет од партизански песни кои потсетија колку длабоко се вградени придобивките од слободарската и државотворна антифашистичка војна и во наша културна традиција.
Свечената државна програмата по повод 11 Октомври – Денот на народното востание и 80-те години од Народното востание, денеска заврши со традиционалниот импровизиран напад на градот, кој како своевидна реминисценција ги реконструира настаните од пред 8 децении кога во Прилеп се распламти искрата која го означи одлучниот почеток на борбите против фашизмот и окупаторските војски и завршните процеси на создавањето на нашата држава.