Продолжување на грижата за заштита на здравјето на населението, многу повеќе капитални инвестиции, редовна и навремена исплата на плати, пензии и социјални надоместоци, при истовремена фискална консолидација, се главните цели на Предлог-буџетот за 2022 година, што Владата го усвои на седница на 30 октомври, а денеска на прес-конференција го претстави министерот за финансии, Фатмир Бесими. Реализацијата на Буџетот за 2022 година ќе овозможи поддршка на економскиот раст проектиран на 4,6%.
Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4% повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4% повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3% од БДП и е понизок за 2,2 процентни поена во однос на дефицитот во 2021 година.
Притоа, капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари, што е за околу 27% повеќе во однос на 2021 година. Со ова, како што истакна министерот, се постигнува златното правило во јавните финансии.
„Главна карактеристика на Предлог-буџетот за 2022 година е дека дефицитот ќе се користи единствено за поддршка на позначителниот дел капитални инвестиции. Во 2022 година, според сите карактеристики, ќе имаме „развоен буџет“. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27% во однос на 2021 година поточно во 2022 година се предвидени 8 милијарди денари повеќе за капитални проекти. Капиталните расходи следната година се на историски највисоко ниво од 14% во вкупните расходи“, истакна министерот.
Одлика на овој Буџет е дека парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот.
Средствата ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и во железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
„За да се одговори на сѐ уште присутните предизвици од пандемијата на КОВИД-19, предвидени се повеќе средства во здравствениот сектор и истите се планирани на ниво од 7,4 милијарди денари. Значителен износ се однесува на набавка на вакцини против КОВИД-19; потоа за реконструкција на ЈЗУ во износ од околу 260 милиони денари; набавка на медицинска опрема, реновирање и опремување вакцинални пунктови, како и други програми“, рече Бесими.
Подобра ефикасност и ефективност во употребата на јавните пари ќе се постигне преку зајакнат мониторинг во рамки на механизмот за повисока реализација на капиталните расходи (CAPEF), воведување повеќе индикатори за мерење на успешноста на буџетските корисници и воведување Интегриран информациски систем за управување со финансии и Интегриран даночен информациски систем.
Потврда за тоа дека фокусот ќе биде на капиталните инвестиции е и кратењето на тековните расходи до ниво од 86% од вкупните расходи.
Со Предлог-буџетот тековните расходи се намалени за 4,3 милијарди денари во однос на 2021 година или за 2% пониски, односно на ниво од 234,6 милијарди денари. Притоа, кај расходите за стоки и услуги коишто се проектирани на ниво од 20,6 милијарди денари има намалување за околу 6% или за 1,3 милијарди денари, како резултат на фискалната консолидација и сведување на минимум на оперативните трошења преку Буџетот.
Министерот порача дека граѓаните можат да бидат сигурни дека во Буџетот за 2022 година има ликвидност и дека ќе има редовна исплата на плати, пензии и социјални надоместоци.
Останува определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на новите вработувања, како и подобрување на квалитетот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи.
Социјалните трансфери се проектирани во износ од 124,5 милијарди денари, при што за исплата на пензии наменети се 64,4 милијарди денари, за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории 11 милијарди денари, за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност 1,4 милијарди денари, како и за активни политики и мерки за вработување 1,8 милијарди денари.
Продолжува поддршката на земјоделскиот сектор преку исплата на субвенции и средства од ИПАРД програмата, потоа поддршката на приватниот сектор, активните политики и мерки за вработување, а повеќе пари ќе имаат и општините преку реформата за унапредување на фискалната децентрализација.
Во 2022 година се очекува забрзан раст, кој е проектиран на 4,6%, при зголемување на бруто инвестициите за 8,5% на реална основа. Проектирано е зголемување на финалната потрошувачка за 3,1%, на извозот за 8,3%, а се очекува и раст на бројот на вработени за 3,1%.
Исто така, се очекува стабилизација на стапката на инфлација којашто е проектирана на 2,4% во 2022 година, при што ценовните притисоци како резултат на неизвесноста поврзана со цените на енергијата и на дел од примарните производи на светските берзи се очекува да се релаксираат од вториот квартал од годината.
„Во 2022 година остануваме посветени на остварување на приоритетите за забрзан економски раст, со посебен фокус на здравството, фискалната консолидација, на тековните реформи, судство и евроитнеграцијата, зелената агенда, дигитализацијата, иновациите и технолошкиот развој, на развојот на човечки капитал, инвестициите во физичката инфраструктура, социјалната кохезија и на зајакнувањето на институционалните капацитети“, истакна Бесими.
Буџетот е стратешки документ во кој Владата финансиски ги пресликува приоритетите во контекст на остварување на програмата во интерес на граѓаните. Поткрепа на остварувањето на овие цели се и донесените стратешки документи со среднорочна рамка од 2022 до 2026 година, на кои се базира конципирањето и планирањето на овој буџет, а тоа се: Фискалната стратегија, Стратегијата за јавен долг, Планот за фискална одржливост и економски раст, Планот за забрзан економски раст, Планот за јавни инвестиции, Програмата за економски реформи и др. Во насока на инклузивно креирање на политиките, ги вградивме и препораките за политиките и реформите од меѓународните и националните конференции, како и дебатите и настаните на Економскиот и финансиски форум (Skopje Economic Finance Forum – SEFF).