Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска се сретнаа со родителите на Ембла А. од Гостивар. Случајот кој во јавноста побуди голем интерес и реакции.
На средбата присуствуваа и директорите на Центарот за социјална работа Гостивар и на училиштето каде што Ембла посетува настава.
Министерката Тренчевска истакна дека инклузијата во образованието е клучна за децата со попреченост и токму на тој начин се придонесува за нивно полесно прифаќање од средината.
„Стереотипите и предрасудите треба да се надминат. Едно општество за сите е концепт зад кој цврсто застанавме и тој не треба да биде само флоскула, туку сите заедно да го преточиме во реалност. Со инклузијата им даваме шанса на децата со попреченост во иднина тие да можат да придонесуваат во општеството", рече Тренчевска.
Таа информираше дека изминативе години, министерството сериозно вложува во инклузивноста на градинките, како за обезбедување на пристапноста, така и во зајакнување на кадарот за работа со децата со попреченост. Инлузијата им помага и на другите деца да развијат емпатија, толеранција и прифаќање на различностите.
Министерот Шаќири нагласи дека проблемот е надминат и Ембла од утре ќе продолжи со редовната настава во нејзиното одделение.
На средбата беше заклучено дека преку заедничка меѓуинституционална соработка ќе се постигнат вистински резултати. Училиштето и центарот за социјални работи заедно ќе работат на обезбедување на инклузија и прифаќање на Ембла и сите други ученици со попреченост во редовното образование.