Полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар и од Отсекот за превенција денеска (18 февруари) го посетија гостиварското Здружение за лица со посебни потреби „Заедно можеме“ и остварија средба со децата кои престојуваат во Центарот на ова Здружение.
Во рамките на посетата тие поблиску ги запознаа децата со природата и карактерот на нивните секојдневни професионални обврски и со опремата што ја користат за практично извршување на тековните задачи. Децата, исто така, имаа можност да видат полициско возило, сообраќајни знаци и да слушнат од полициските службеници што значат знаците, да ги облечат на себе полициските униформи и на крајот заеднички да се фотографираат.
Покрај тоа, на децата им беа врачени и пригодни подароци, како израз на грижата и респектот на МВР кон сите граѓани подеднакво и особено кон лицата со посебни потреби. Денешната посета беше на покана на Здружението „Заедно можеме“ и претставува планирана содржина, односно дел од повеќегодишната успешна соработка на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар со вакви и слични организации и здруженија од подрачјето.