Тренчевска: Родовата перспектива и инклузијата на маргинализираните групи граѓани во општествените текови е наш приоритет

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Северна Македонија, Анди Аранитаси, на која разговараа за досегашната соработка и можностите за работа на проекти кои се во областа и надлежностите на министерството.

На средбата беше потенцирано значењето од поголема вклученост на ранливите категории на граѓани во сите сегменти од општеството. При што посебен акцент беше ставен на жените и маргинализираните групи на граѓани.

Министерката Тренчевска истакна дека еднаквиот пристап и инклузијата особено на исклучените групи на граѓани е еден од приоритетите на Министерството за труд и социјална политика. Притоа, таа информираше дека Секторот за еднакви можности при министерството работи токму на прашањето за родовата еднаквост или заштита од дискриминацијата, како и поврзаноста на родот со климатските промени и заштитата на животната средина и транспортот како области кои се сметаат за родово неутрални. 

Затоа МТСП и СЕМ континуирано започна да работи на внесување на родовата перспектива и во овие политики и за таа цел во соработка со УНДП во СЕМ назначено е контакт лице кое е одговорно за спроведување на Конвенцијата за клима на ООН.

„Вклучување на родот во сите општествени текови, економското јакнење на жените придонесува за развивање на родовата перспектива која ќе донесе напредок на општеството во целина. Кога зборуваме за учеството жените и нивната улога во креирањето на политиките за климатските промени и животната средина, зборуваме пред се за почитување на човековите права на жените“, рече Тренчевска. 

Таа ја истакна и важноста на улогата на жената во грижата за здравјето, во градењето на одржливиот развој на заедниците, а во таа насока и едукацијата и обуките на вработените во државните и јавните институции, но и на жените од урбаните и руралните средини за превентивно и практично делување како што е штедењето вода и енергија, редуцирањето и селектирањето на отпадот и друго.

Родовата перспектива е неопходна во процесите за пристапување кон Европската Унија. Таа претставува неопходен предуслов за еднаквост, социјална правда, одржлив раст и развој на општествата.