Денеска, 25 февруари 2022 година, во просториите на Владата на Северна Македонија се одржа меѓуресорска координација на институциите вклучени во иницијативите и проектите кои произлегуваат од иницијативата Отворен Балкан.
Националните координатори Марјан Забрчанец и Нола Исмајлоска и советникот на премиерот за надворешна политика Едмонд Адеми ги запознаа државните секретари и одговорните службеници од ресорните министерства и директорите на релевантните државни агенции со сите актуелни и планирани домашни и меѓународни процеси кои произлегуваат од трилатералната соработка меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија во рамки на иницијативата Отворен Балкан, а учесниците на средбата презентираа осврт на сработеното и на остварените резултати до сега.
Евидентен е напредокот во спроведувањето на договорот во областа на царинските олеснувања за граѓаните и фирмите во земјоделството, ветеринарството и безбедноста на храната, а во месеците пред нас следува и унапредување и олеснување на меѓуграничниот проток за граѓаните, возилата и камионите, а очекувани се конкретни резултати кои водат кон даночни усогласувања и олеснувања меѓу трите држави, како и на намалување или отстранување на таксите и трошоците при меѓународниот проток на услуги, луѓе, добра или информации.
На работната средба започнаа и меѓуресорските соработки во областите туризам, култура и млади меѓу институциите од македонска страна, со цел Северна Македонија да даде сериозен и суштински придонес кон Отворен Балкан во делот на е воспоставување контакти, познанствата, размени и заеднички иницијативи меѓу граѓаните и особено меѓу младите од регионот, преку организација на настани, туристички понуди, спортски турнири, културни случувања, научно-истражувачки хабови итн.
Денешната работна средба беше искористена и за меѓусебна координација на институциите во очи следниот лидерски самит на Отворен Балкан кој пролетва ќе се одржи во Северна Македонија.