Како дел од агендата за билатерални средби на Инвестицискиот самит на Европската банка за обнова и развој во Лондон, премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со премиерот на Албанија, Еди Рама.
Двајцата премиери на средбата, на која од македонска страна присуствуваа и вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, изразија јасна определба за продолжување на меѓусебната соработка која што се остварува низ отворен и конструктивен политички дијалог со цел високото ниво на добрососедски односи да се преточи во остварување на визијата за заедничка иднина во Европската Унија.
На средбата двајцата премиери се согласија дека преговорите за Северна Македонија и Албанија со ЕУ треба да започнат веднаш, без одлагање, во пакет и дека треба да се искористат позитивниот амбиент и француското претседателство за да се постигне договор меѓу Скопје и Софија.
Северна Македонија и Албанија, заедно со Србија, низ иницијативата „Отворен Балкан“ низ пример покажуваат како треба да се унапредува регионалната соработка која за сите земји од Западен Балкан носи унапредување на европските стандарди и забрзување на интеграцијата кон членство во ЕУ, споделија двајцата премиери на средбата во Лондон на Инвестицискиот самит на ЕБОР за регионот.
Премиерите Ковачевски и Рама се согласија дека вкупната трговска размена има дополнителни потенцијали за унапредување и се заложија за покренување иницијатива за активирање на меѓувладиниот мешовит комитет за економска соработка, кој заедно со активното учество на стопанските комори, треба да придонесе за унапредување на економската соработка.
За двете земји Инвестицискиот самит на ЕБОР во Лондон е можност за интензивирање на инфраструктурното поврзување кое е високо на агендата на двете земји со проектите од Коридорот 8 и со инвестицискиот проект за енергетско поврзување (Битола - Елбасан), кој се финансира со кредитна поддршка на ЕБОР.