Генералниот секретар на Владата Методија Димовски денеска во својот кабинет ги прими шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир и Штефан Худолин, раководител за соработка на Делегацијата на Европската унија.
На средбата беа изразени честитки за функцијата на генералниот секретар, при што позитивно беше истакната дведецениската професионална кариера на Димовски во јавната администрација, меѓународните организации и како независен консултант.
Генералниот секретар Димовски со претставниците на Делегацијата на ЕУ разговараше за приоритетните активности во делот на реформата на јавната администрација, информирајќи ги за своите планови за подобрување на функционалноста, организацијата и капацитетите на Генералниот секретаријат, како клучна институција во концептот „Центар на Влада“ промовиран од ОЕЦД Сигма.
Потврдувајќи ја заложбата за реформа на јавната администрација како врвен приоритет на Владата, Димовски информираше за досега преземените чекори во Генералниот секретаријат за воспоставување функционален систем за стратешко планирање, обезбедување административни капацитети и координација на клучните учесници, особено на хоризонтално ниво. Посебно беше истакнато дека продолжува реализацијата за подобрување на постојната состојба на Генералниот секретаријат, при што се разговараше за статусот на реализација на тековните и идни проекти во насока на реорганизација и оптимизација на јавната администрација и дигитализација, што се финансирани преку ИПА проектите.
Соговорниците се согласија дека спроведувањето на активностите ќе продолжи и во наредниот период со максимална вклученост и ангажираност на сите страни.
На работната средба, Димовски ја потенцираше важноста од подигнување на нивото на проактивната транспарентност и отчетност на Владата, ветувајќи дека ќе вложи и лични напори за уште поотворена комуникација со сите засегнати страни.
Високите претставници на Делегацијата на ЕУ изразија подготвеност за продолжување на соработката, нагласувајќи ја континуираната поддршка со цел професионализација на администрацијата како вистински сервис на граѓаните.