Средба на премиерот Ковачевски со косовскиот амбасадор Ќехаја: Определбите кон развој на добрососедските односи се значајни за напредокот на целиот регион

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Флоријан Ќехаја, новиот амбасадор на Република Косово во земјава.

На состанокот е констатирано дека Северна Македонија и Косово имаат пријателски и конструктивни билатерални односи, базирани на дијалог и без отворени прашања.

Заеднички е оценето дека определеноста и на Северна Македонија и на Косово, кон развој на добрососедските односи е значајно за напредокот на целиот регион.

Во таа насока, премиерот Ковачевски го поздрави постигнатиот договор околу документите помеѓу Косово и Србија и соопшти дека нашата држава поддржува натамошен дијалог помеѓу Белград и Приштина со цел нормализирање на односите и со тоа гарантирање на мирот, стабилноста, безбедноста на целиот регион.

На средбата се поздравени напредокот на Република Северна Македонија во евроинтеграциите и почетокот на преговорите, по членството на НАТО, како и политиките на премиерот Ковачевски и на Владата кон перспективи на граѓаните и на државата.

На состанокот е разговарано за унапредување на соработката меѓу двете држави во процедурите за гранични олеснувања и за други актуелни прашања, како што се состојбите во енергетиката.

Исто така разгледани се можностите околу терминот на одржување на втората меѓувладина седница помеѓу Северна Македонија и Косово во текот на 2022 година.  

Премиерот Ковачевски му посака на амбасадорот Ќехаја успешен мандат.