Од утре во следните четири дена Република Северна Македонија, заедно со Република Србија и Република Албанија е покровител на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винската Визија на Отворен Балкан“, кој ќе се одржи во Белград.
На Саемот ќе учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји, а Северна Македонија ќе ја претстави својата традиција, обичаи, карактеристичната кујна, музика и фолклор, како и обележјата и вредностите на сите други заедници кои живеат во земјата.
Вкупно 42 винарии и 3 дестилерии од нашата држава пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии. Овој дел од претставувањето го реализира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во рамки на саемот „Винската визија на Отворен Балкан", ќе има дегустација на вина, а воедно ќе се одржи натпреварот „Трофеј на виното на Отворен Балкан“ 2022 година. Саемот е одлична можност за поврзување на винските патишта на Балканот и пред високите гости и посетители како и отворање на нови можности за соработка, за обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани, што позитивно ќе се рефлектира на развојот на домашната економија.
На Саемот за вино, храна и туризам под слоганот „Вкуси го животот”, нашата земја ќе се претстави со повеќе од десет производители на храна од Северна Македонија кои ќе ги претстават автентичните вкусови на македонската кујна.
Македонската туристичка понуда на Саемот за вино, храна и туризам во Белград, ќе биде претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.
Како дел од промотивните активности на македонските производи, вината, храната и националните богатства интересни за туристите, претседателот на Владата Димитар Ковачевски ќе биде домаќин на „Македонската вечер”, каде ќе присуствуваат претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Северна Македонија присутни на Саемот во Белград.
Во рамки на активностите во Белград ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.