Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека Владата подолго време, уште со започнувањето на енергетската криза во последниот квартал минатата година презеде антикризни мерки во делот на електричната енергија, намалување на ДДВ-то за електричната енергија, зголемување на производството на електрична енергија во државните капацитети.
„За оваа година производството е проектирано да биде 25% поголемо во однос на минатата година и тоа се капацитети со кои располага Северна Македонија. Тоа се РЕК Битола, Осломеј, ТЕЦ Неготино, централата во рамки на ЕСМ и хидропотенцијалите, хидроелектраните со кои располага државата и обновливите извори на енергија“, рече Ковачевски.
Тој подвлече дека неосновани се обвинувањата дека се задоцнети мерките и тоа, како што рече токму од политички естаблишмент, кој повеќе од половина време за време на независноста на државата биле на функција и немаат ниту една инвестиција во електро-енергетскиот сектор.
Премиерот Ковачевски информираше дека за 25 проценти е зголемен планот за производство на државните капацитети и државата интервенира со финансиски средства заради набавка на суровини за производство на електрична енергија, поради зголемувањето на цената на јагленот која беше 43 евра за тон, а сега е до 93 евра.
„ЕСМ ги снабдува сите потреби без увоз на домашниот регулиран пазар, тоа значи за сите домаќинства и за сите мали потрошувачи. Седумдесет и две илјади компании во државата, кои се мали потрошувачи се снабдуваат на регулираниот пазар каде што електричната енергија е субвенционирана од страна на државата во износ од 80%“, одговори Ковачевски.
Тој додаде дека по разговори со стопанските комори ќе биде овозможено дополнителни количини на електрична енергија, кои ќе бидат под пазарните цени кои важат на берзата. На компаниите со прогласувањето на кризната состојбата ќе им биде овозможено електрична енергија од обновливи извори на енергија, како и претходниот пат да биде наменета не за регулираниот пазар туку за компаниите на отворениот пазар со што ќе добијат електрична енергија, која е под пазарната цена.
„Второ барање беше да се стави во функција гасната централа „ТЕТО“ во Скопје. Таа е во приватна сопственост и Министерството за економија веќе разговара со сопствениците на „ТЕТО“ да биде ставена во функција при што преговорите се водат да биде ставена во функција и второ цената по која ќе биде преземена електричната енергија со цел да може да се добие електрична енергија која е под берзанските цени кои во моментот владеат“, објасни Ковачевски кој додаде дека и денешната претстојна посета на Бугарија е за обезбедување непречено функционирање на меѓународниот проток на електрична енергија преку овој сосед и за обезбедување на недостатоци на електрична енергија доколку се појават во текот на зимата.
„Тоа е што Владата го прави се со цел да имаме непречено снабдување со електрична енергија и да обезбедиме цени кои ќе бидат оптимални за македонското стопанство. Јас сум во дневна комуникација и со претседателот на Стопанска комора и со претседателот на Сојузот на стопански комори и со дел од компаниите се со цел ова да го надминеме. Ова не е предизвик само за нашата земја, предизвик е за сите земји во регионот, сите се соочуваат со овој проблем. Веќе имаме една земја во соседството која што од 5 до 9 часа дневно има рестрикции на електрична енергија. Затоа што во регионот производствените капацитети со кои располагаат државите кои произлегоа од поранешна Југославија се од тоа време. Сите капацитети се стари по 40 и повеќе години. Сите инженери во ЕСМ се ангажирани да се обезбеди нивно непречено работење. Веќе се комплетира и пуштањето на третиот блок на РЕК Битола“, одговори премиерот Ковачевски на прашањето поврзано со енергетската криза и обезбедувањето на непречено снабдување со електрична енергија.