Со новиот „decoupling систем“ за распределба на субвенциите, прилагоден на предизвиците што ни ги донесе кризата, земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите тогаш кога им се најпотребни пари за да имаат одржливо земјоделско производство, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на денешната заедничка прес-конференција со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Почитувани медиуми, почитувани граѓани,
Најпрво да се заблагодарам на медиумите и да се извинам за доцнењето на прес-конференцијата. Доцнењето е поради седницата која што штотуку заврши и се надевам дека во иднина кога ќе ги закажеме прес-конференциите, дека ќе бидат точно во времето кога се закажуваат. Примете го моето извинување од страна на целата Влада.
Живееме во време со многу предизвици, економска, енергетска криза, недостаток на енергенси, инфлација, недостаток на храна. Се е она тоа што граѓаните го чувствуваат и можат да го видат насекаде околу нив.
Како и на повеќе наврати изминативе години, откако почна KОВИД кризата па до денес, оваа Влада покажа дека нема намера никого да остави сам да се справува со последиците од која било криза. Во KОВИД пандемијата, издвоивме рекордни 1,2 милијарди евра, а за првиот сет антикризни мерки, на почетокот на годината 400 милиони евра со кои се ублажија ценовните шокови кои се случуваа на светските берзи и во државата и обезбедија ликвидност за компаниите.
Во неделата, тука на истото место бев пред вас и го презентирав новиот сет антикризни мерки со кој таргетирано даваме поддршка онаму кај што е најпотребна. Тогаш кажав и ќе повторам, струја, греење и храна, мора да има за сите. Затоа што сите ние сме заедно во ова и заеднички мора да ја пребродиме и зимата, а и кризата која е пред нас.
Денес сме тука затоа што сме исто како и целиот свет пред голем предизвик за тоа како да обезбедиме доволно храна за сите, нешто што мислевме дека во 21 век, векот на изобилство, не може да ни се случи. На еден суров начин, војната во Украина го потсети целиот свет кои се врвните приоритети, а тоа се енергенси и храна.
Нѐ потсети дека дома, домашното производство е основата работа која што мораме да ја направиме. Мораме да се осигураме дека домашното производство на земјоделски производи и храна е поголемо, стабилно, дека ќе имаме доволно храна за нашите граѓани. Дека ќе произведеме доволно за дома, но и за извоз, за да ја зајакнеме економијата.
Во оваа прилика, пред да навлезам во деталите кои што пак подоцна ќе ги објасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, сакам да им се заблагодарам и да изразам длабока почит кон земјоделците за нивната макотрпна работа. Ова не се само зборови, напротив, последните години и со неколку битни интервенции, оваа Влада а и јас лично секогаш сме биле на страната на земјоделците и затоа секогаш имало поддршка за овој сектор. Затоа што точно знам колку важна алка во општеството и економијата се тие. Ниту сега во овие услови на светска криза, ниту претходно со КОВИД кризата земјоделците не ги оставивме сами, секогаш навремено се обезбедуваа мерки за нивна поддршка.
Земјоделството и земјоделците се гордоста на оваа земја. Земјоделството е една од врвните приоритети и на оваа Влада и на државата. Затоа и оваа Влада е посветена на понатамошно развивање привлекување инвестиции во секторот. Затоа што сакаме нашите земјоделци да имаат подобар животен стандард, поголем поврат на своите вложувања и инвестиции кои ги прават и пред се макотрпна работа во земјоделството и затоа денес, заедно со министерот Николовски ќе презентираме нов транспарентен и ефикасен систем на поддршка чија цел е да ја зголеми продуктивноста, но и квалитетот на земјоделското производство.
Денес, размислуваме и неколку чекори напред. Мора да се зголеми домашното земјоделско производство, а тоа подразбира цела стратегија која опфаќа повеќе сегменти, од модел на субвенции, капитални инвестиции, советодавни услуги, европски фондови до вложување во човечки ресурси.
Затоа, денеска имавме посебна тематска седница токму за земјоделство. На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата го усвои новиот модел за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Досегашните анализи, но и оваа светска криза, покажаа дека е потребна итна промена на моделот за земјоделски субвенции, промена која што на краток, среден и на долг рок ќе даде ефекти, односно ќе значи поголемо производство на домашна храна и намален увоз.
Детално целиот нов систем ќе го објасни министерот Николовски, но ќе потенцирам дека се работи за модел креиран по европски терк, поефикасен и прилагоден на предизвиците што ни ги донесе кризата.
Конкретно, досегашниот систем според кој земјоделците добиваа субвенции без да прикажат дека оствариле производство, се заменува со нов „decoupling систем“. Со овој нов модел земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите која ќе ја добиваат во тековната година кога конкурирале за субвенцијата, односно тогаш кога им се најпотребни пари за да имаат одржливо земјоделско производство.
Ги мотивираме земјоделците да произведат повеќе храна. Дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, со користење на сертифицирано семе и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги.
Дополнителна поддршка е предвидено и за земјоделците кои од своето производство создаваат финален производ за продажба.
Ова е само прва фаза од реализацијата на новиот „decoupling систем“ за распределба на земјоделските субвенции. Оваа година се применува за овоштарството. Имавме пилот проект кај производството на сончоглед а веќе од следната година ќе бидат опфатени сите земјоделски гранки.
Во детали ќе објасни министерот како изгледа новиот модел, меѓутоа само кај производството на сончоглед кај што се примени како пилот проект овој нов систем на decoupling на субвенциите во земјоделството. Оваа година имаме дупло поголемо производство на сончоглед со исто ниво на субвенции во споредба со минатата година.
Она што е важно и треба да го знае секој земјоделец и секој граѓанин, е дека со новиот модел не е предвидено намалување на средствата наменети за земјоделците, туку нивна поефикасна распределба, побрза исплата, што значи планско и одржливо производство, од што бенефит ќе имаат и земјоделците и државата.
Со новиот систем за субвенции, фокусот го ставаме на стратешките култури, на суровините потребни за производство на основните прехранбени производи.
Од формирањето на оваа Влада и јас како премиер, во координација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, презедовме навремени и конкретни мерки за земјоделците да имаат помали трошоци и да ги мотивираме да произведат повеќе.
Креиравме цела стратегија која што очекувам да ни обезбеди стабилно и зголемено домашно земјоделско производство и да ја намали увозната зависност.
Ги зголемивме државните буџетски вложувања во овој важен сектор и се фокусиравме кон поддршка на стратешките земјоделски производи.
За прв пат донесовме „Национален план за производство на храна“, кој содржи конкретни мерки за поддршка на овој важен сектор во време на криза и планот веќе се реализира. Тоа се мерки за зголемено производство на домашна храна, за увозна независност, мерки со кои ги поттикнуваме земјоделците максимално да ги искористат сите ресурси, секоја педа обработливо земјиште, за да произведат повеќе. И тоа се покажа како вистинска одлука, затоа што веќе имаме зголемени површини за производство на пченица од 15.000 хектари.
Планот вклучува и Интервентна програма за која со ребалансот за годинава се обезбедија дополнителни 500 милиони денари, со што вкупната вредност на оваа програма достигна 900 милиони денари. Мерките од оваа програма веќе се реализираат и истата се дополни со мерка за есенската сеидба. Досега преку оваа програма се исплатени близу 533 милиони денари на 8.713 земјоделци за набавка на вештачко ѓубриво за житни култури и за сточарство.
Во регионот Северна Македонија е единствената држава која што ги субвенционира вештачките ѓубрива за земјоделците и дополнително веќе работиме со некои капацитети кои постојат во државата, а кои не биле во употреба во изминативе години, да бидат ставени во функција со цел производство на фолијарни ѓубрива.
Паралелно, обезбедена е фиксна директна финансиска поддршка за сите земјоделци и за сите култури по обработлива површина, а преку дополнителни мерки ги помагаме стратешки важните култури и производи. За сите земјоделци обезбедивме поддршка од 50% за покривање на трошоците за набавка на зелена нафта за да имаат поекономично производство. Со законски измени веќе обезбедивме можност поддршката за зелена нафта да биде 100%.
Со усвоениот сет мерки, со интервентниот фонд и со „Националниот план за производство на храна“, даваме силна поддршка на земјоделците и на граѓаните и овозможуваме навремено снабдување со основните суровини за производство на храна, со ѓубриво за сеидба и прихрана, семенски материјал и „зелена нафта“. Целта е со оваа поддршка да се справиме со светската криза, но и да станеме увозно независни со достапна и поевтина храна држава.
Дополнително, во новиот пакет антикризни мерки за справување со енергетската криза вреден 360 милиони евра, планирани се субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор, за зголемување на приносите, на продуктивноста, за поголема конкурентност и амортизирање на ценовните притисоци за основните прехранбени производи, во износ од над 52 милиони евра.
Северна Македонија е земјоделска земја, имаме плодна земја, имаме најубави домати, пиперки, грозје, јаболка. Имаме над 280 сончеви денови во текот на годината, имаме вода, ветар, и пред сѐ имаме вредни земјоделци. Правиме сѐ овие климатски предуслови да ги искористиме и искомбинираме со мерките што ги презема ресорното министерство, затоа што нашата цел е овој сектор да прерасне во профитабилна и базична гранка, на која ќе го темелиме економскиот раст.
Поддршката на земјоделството и менаџирањето со енергетската криза остануваат врвни приоритети на Владата, имаме обврска да им помогнеме на земјоделците, заеднички да ја пребродиме оваа криза, а за граѓаните да обезбедиме стабилно снабдување со храна како што тоа беше и во текот на изминатите кризни месеци. Така што, никој нема да биде оставен сам во оваа криза.
Неделава беше плодна недела. Видовме и сами на дело, дека Северна Македонија е навистина одлична дестинација за странски инвестиции и за развој на бизнисот. Сакам уште еднаш да им честитам на граѓаните за официјалното отворање на новата фабрика за автоделови на светски познатата „Магна Интернационал“, како и на започнувањето со работа на соларната електрана со која ќе се обезбеди струја од македонското сонце за над 5.500 семејства во земјата. Или соларна електрана која произведува електрична енергија повеќе од потребите на сите основни и средни училишта во државата. Како што ја правиме земјата плодна дестинација за инвестиции, така, со оваа новина во системот на поддршка на нашите земјоделци, ќе сме чекор поблиску до заложбата да ја направиме Северна Македонија плодно место за живот и за работа за сите земјоделци.
Ви благодарам на вашето вниманието“.