Министерството за транспорт и врски денеска го објави јавниот оглас за распределба на 36 станови во социјалната зграда во Виница. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по тој повод изврши обиколка на зградата, од каде ги објасни критериумите за распределба.
Јавниот повик трае до 16 номеври и на него може да аплицираат шест категории на граѓани согласно Одлуката за распределба на социјални станови и тоа: Деца без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни - природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, лица припадници на Ромската заедница- социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите како и самохрани родители со малолетни деца.
„Се работи за социјална зграда со 36 станбени единици што значи дека толку ранливи семејства од Виница ќе бидат згрижени. Комисијата во соработка со Центарот за социјални работи ќе се координира за постапките за поефикасно да го завршиме процесот на распределба. За оние кои не се во можност сами да ја комплетираат потребната документација, Центарот за социјални работи ќе ја обезбедува потребната помош за обезбедување на целокупната документација согласно објавениот оглас. Покрај споменатите критериуми, треба да се исполнуваат и следниве услови: да се биде државјанин на Република Северна Македонија; лицата да се со постојано место на живеење во општината каде е изграден социјалниот стан и лицето кое се пријавува да не поседува стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на Република Северна Македонија”,изјави министерто Бочварски.
Инвестицијата е во вредност од 75 милиони денари.
„Објектот се состои од три ламели со вкупно 36 станови и две деловни простории. Становите се со површина од 36 до 45 метри квадратни, а деловните простории со површина од 60 метри квадратни. Со оглед на успешноста на проектот, АД е во интезниви преговори со Банката за развој при Советот на Европа за продолжување на проектот за изградба на станбени социјални објекти и во други општини.“ – изјави Билјана Главинчевска Вранишковска од АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката.
Министерот Бочварски додаде дека во завршна фаза се уште 130 социјални станови во Демир Капија, Неготино и Гевгелија и уште 470 станови кои се во изградба и тоа во Бутел, Велес, Кочани, Пехчево и Сарај.