После финализирањето на подготвителната фаза на неодамна усвоената информација на седница на Влада за потпишување на Договор за соработка од областа на дијаспората помеѓу Владата на Република Северна Македонија и 23 општини кои благовремено изразија спремност за соработка, во наредните денови следи нивното потпишување со секоја општина посебно.
Во оваа прилика, министерот задолжен за дијаспора Џемаил Чупи се овластува во име на Владата на Република Северна Македонија да ги потпише договорите за соработка во областа на дијаспората помеѓу Владата на Република Северна Македонија и општините, претставувани од нивните градоначалници.
Во информацијата е јасно наведена задачата на овие канцеларии кои се осмислени да имаат посредничка улога и истите би служеле како центри во кои на припадниците на нашата дијаспора им се овозможува и олеснува пристап до потребни информации и добивање дополнителни насоки за соодветните постапки пред надлежните институции, за време на нивниот престој во матичната држава.
Следствено, во процесот е вклучено и Министерството за информатичко општество и администрација кое согласно Информацијата се задолжува во рок од 15 дена од отворањето на општинските канцеларии за соработка со дијаспората да ги ангажира своите вработени да соработуваат во координација со вработените во општините определени за работа на проектот „Центар за дијаспора“, со цел заеднички да се излезе во пресрет на граѓаните од дијаспората.
Со ова се постигнува суштината на напорите на Кабинетот на министерот задолжен за дијаспора во насока на спроведување на еден од стратешките приоритети како дел од Програмата на Владата на Република Северна Македонија согласно Националната стратегија за соработка со дијаспората од 2019-2023 година и воедно исполнување на примарната мисија олицетворена во добросостојбата на дијаспората.