Денеска заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски се обратија на отворањето на „Вториот македонски конгрес за патишта“.
Во прилог интегралните обраќања на вицепремиерот Битиќи и министерот Бочварски:
Обраќање на заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи
Почитувани присутни,
Почитувани домаќини на вториот конгрес за патишта,
Почитувани гости,
Почитуван колега Бочварски,
Почитуван амбасадор Гир,
Ви благодарам за денешната покана. Важна тема имаме да зборуваме денеска, не повеќе важна од било која друга година претходно во нашиот развој како држава. Но оваа година посимболична, бидејќи го започнавме нашето поврзување со Европската Унија, а со тоа и патното поврзување и одржливата инфраструктура која ќе ни го трасира патот кон полесна интеграција.
Годишниот извештај на Европската Комисија, чии наоди секако ги земаме со сериозност, само го потврди фактот дека имаме работа со која мораме итно да се фатиме да ја работиме и да ја сработиме.
Потребата за одржлива инфраструктура, отпорна на овие влијанија се зголемува и многу земји сега се соочуваат со предизвикот да обезбедат зголемени инвестиции во ера на намален фискален капацитет.
Инфраструктурата и глобалните синџири на снабдување се во тесна врска и корелираат, па оттука за секоја држава еден од најбитните предуслови за економски развој е добрата инфраструктура.
Вложувањето во подобрена и одржлива инфраструктура е неопходност за постигнување на развојните економски цели кон кои сме насочени. Она што мораме да го подобриме е нашата реализација на истите.
Оваа состојба која е факт повеќе од 30 години наназад мораме итно да ја менуваме, затоа мојот кабинет работеше на воспоставување на едно ново тело за координација на големи инфраструктурни проекти или Единицата за следење на капитални инфраструктурни проекти, која ќе биде центарот во кој ќе се слеваат сите информации за секој голем инфраструктурен проект, со цел мониторинг на спроведувањето како и навремено алармирање за аномалии, пропусти или задоцнувања, со цел, надминување на сите проблеми со кои, историски, нашата држава се соочува при практична имплементација, односно изведба на големите инфраструктурни проекти, особено во делот на изградба на патишта.
Планирањето на изградбата на автопатиштата, што е ахилова пета на нашата земја, изминативе 30 години сакам соодветно да го адресирам во оваа прилика и пред оваа публика, која мислам дека е важна.
Точното и квалитетно планирање и проектирање ќе ја олесни и осигура навремената реализација, бидејќи – Failing to plan is planning to fail!
Соодветното и реално планирање, како и учењето од минатите грешки, ќе овозможи да бидеме подобри и да не се соочуваме со проблемите од минатото. Еден од нив е планирањето на изведбата на косините кои имаме искуство дека во голем дел од проектите за градба се направени под агол од 60, па некои дури и од 90 степени. Ваквото планирање во изведбата потоа предизвикува пролонгирања, дополнителни финансирања па дури и неможност за реализација на проектите.
Време е да се промениме.
Сега е вистинско време да го смениме и пристапот, односно да ги распределиме приоритетите за развој на државата со пристапот од врвот кон периферијата (top-to-bottom approach).
Прво мора да ги комплетираме коридорите 10 и 8 заедно со нивните краци, па потоа да се концентрираме на споредните инфраструктурни зафати.
Патиштата како еден од основните сегменти во инфраструктурата се тесно поврзани со економскиот раст и развој. Од една страна изградбата на патишта силно го поттикнува економскиот раст и развој, и секако од друга страна економскиот развој и целокупниот раст на бруто домашниот производ поттикнува изградба на нови патни врски кои ќе овозможат подобра комуникација која е од огромно значење на сите чинители во едно општество.
И за крај, да гледаме во иднината.
Важен аспект при изградба на патиштата кој мораме да го имаме предвид секогаш кога станува збор за проектирање на истите е електричната мобилност, која зема се поголем замав во последните години, и која ќе има една од клучните улоги во заложбите за декарбонизација каде и нашата држава рамноправно учествува со сите земји во светот, е овозможување на соодветна инфраструктура за користење на електрични возила, а секако и на возила кои како погонско гориво користат водород. Затоа, за и ние да можеме да фатиме чекор со високо развиените земји, мора да имаме јасен план и чиста визија како ќе ја унапредуваме инфраструктурата со полначи на електрични возила, како и создавање на неопходните инфраструктурни како и законски предуслови за користење на водородот како енергенс на иднината.
Ви благодарам.
Обраќање на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски
Почитуван заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија, Фатмир Битиќи,
Почитуван претседател на Друштвото за патишта, Горан Мијовски
Почитуван амбасадор на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир
Почитуван директор на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек
Почитуван г-дин Карстен Карчер, генерален секретар на ЕАПА,
Почитуван ректор на универзитетот Кирил и Методиј,
Почитуван декан на Градежен факултет,
Почитуван претседател на Комората на овластени архитекти и инженери,
Почитувани пријатели,
Драго ми е што Република Северна Македонија ја испишува својата историја во создавање на нови модерни коридори.
Добредојдовте и во мое име на Вториот Меѓународен конгрес за патишта.
Сакам најпрво да му честитам на Друштвото за патишта за одличната организација и иницијативата во континуитет да го одржува овој конгрес од меѓународен карактер, каде уверен сум дека ќе слушнеме за современите трендови во нискоградбата, нови идејни решенија и пракса во изградба на патната инфраструктура низ Европа и светот.
Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за транспорт и врски и Јавните претпријатија за патишта, силно е посветена во реализација на националната транспортна стратегија каде опфаќа изградба и модернизација на патната мрежа низ земјата.
Во текот на изминатите неколку години инвестиравме над 1 милијарда евра за изградба и реконструкција на преку 1.300 километри патна мрежа, со што дадовме силен инпут во создавање на нова патна мрежа и позиционирање на државата на главната Паневропска мрежа на Коридори.
За наредната 2023 година имаме најголем буџет за патна инфраструктура и нашите очекувања се дека заедно со ЈП за државни патишта ќе инвестираме помеѓу 350 и 400 милиони евра што ќе биде историски највисоко ниво за изградба и реконструкција на патна инфраструктура.
Ова бара сериозни и посветени тимови од проектанти до надзорни органи и изведувачи. Затоа вe повикувам сите заедно да работиме за иднината на државата.
Нашата географска позиционираност е место каде се вкрстуваат двата Паневропски коридори 8 и 10. Тоа ни дава дополнително стратешко значење и стимул да работиме на нивна модернизација заради исполнување на највисоките стандарди во патната инфраструктура.
Ова за нас како ресорно министерство е од исклучително значење во спроведувањето на транспортните политики.
Исправени пред огромните предизвици што ги диктира глобалната криза, имаме задача да одржиме континуитет на сите стратешки проекти и сметам дека досега добро тоа го правиме.
Накратко би сакал да информирам за крупните проекти што ги реализираме:
Во делот на Коридорот 10 направена е целосна реконструкција на автопатската делница север – југ, освен на еден дел на делницата Катланово за што верувам дека ЈП за државни патишта во најбрзо време ќе започнат со изведувачот за да го рехабилитираат и овој дел.
Како држава преку реализација на сите крупни капитални проекти даваме силна поддршка за развој на технолошките достигнувања и ги користиме предностите што се нудат. Во тој контекст сме во фаза на имплементација на Интелигентен транспортен систем токму на Коридор 10. Тој подразбира инсталација на системи за собирање на податоци во реално време за сообраќајот, што е од огромно значење за поефикасен транспорт.
Понатаму врската со делот на Коридор 10-д ја правиме преку изградба на експресен пат од Градско кон Прилеп, современо патно решение со што ќе ја подигнеме безбедноста и квалитетот на сообраќајот.
Во продолжение на Коридор 10-д, во нашите стратешки планови е изградба на автопатска делница од Прилеп до Битола и понатаму нов експресен пат од Битола до Меџитлија до границата со Грција, како заокружување на патниот Коридор 10-д.
Во делот на Коридорот 8, би сакал да спомнам дека доизградбата на овој коридор особено во западниот дел е посебен предизвик во овие услови на глобална криза.
Во западниот дел на коридорот во тек е изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Можам да кажам дека во салава ги забележувам голем дел од инволвираните што заеднички работиме на оваа автопатска делница и мораме да се потрудиме да ја дозавршиме со сите ситуации и тешкотии што ни се појавуваат на терен.
Оптимисти сме оваа година ќе отпочнеме со градежни активности и на изградба на автопатските делници Ќафасан – Струга – Требениште, Кичево – Гостивар и од Гостивар до Тетово.
За овие делници промовираме нов концепт на изградба каде што планираме да ги доближиме проектирањето и градењето со цел најновите податоци од теренот да бидат правилно планирани и веднаш реализирани со што сигурен сум дека ќе ја забрзаме реализацијата на изградбата на западниот дел на Коридорот 8 и 10д.
Со ова ќе се обидеме да ги избегнеме реалните проблеми на терен кои ги имаме со повеќекратни репроектирања на стари проекти кои не ја даваат реалната состојба на теренот.
На источниот крак на Коридорот 8 ја завршивме рехабилитацијата на постоечкиот пат од Куманово до Страцин, активно се гради експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, инвестиција вредна повеќе од 60 милиони евра. Истичниот крак на Коридорот 8 го комплетираме со рехабилитација и проширување со трета лента на делницата Крива Паланка – граничен премин Деве Баир.
Би сакал да напоменам и за уште еден многу значаен проект кој го реализираме преку Министерството за транспорт и врски, а тоа е рехабилитацијата на локалната патна мрежа и огромната поддршка што ја даваме на општините.
Навидум проект од локално значење, но верувајте од аспект на локалниот економски развој овој проект дава силен инпут во подобрување на безбедноста на сообраќајот во општините како и урбаниот развој.
Досега реализиравме преку 100 локални патишта во 49 општини, нешто што е досега најголема поддршка за локалните заедници од централната влада.
Покрај основните цели на модернизација на патишта, политиките што ги спроведуваме се во насока на развивање на хармонизиран транспортен сектор кој го интегрираме во Европскиот систем на транспортни мрежи. Генерално нашите инвестиции се насочени во :
- Изградба и модернизација на патната инфраструктура како дел од единствениот транспортен систем на ЕУ
- Подобрување на безбедноста во сообраќајот
- Подобрување на одржливоста на животната средина
- Воведување на интелигентни транспортни системи
Нашите политики имаат јасна цел, а тоа е создавање на квалитетна патна мрежа, подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани и забрзан економски раст и развој на државата.
На крај уште еднаш да испратам честитки за организацијата на овој настан честитки до Друштвото на патишта и да Ви посакам успешна конференција.
Ви благодарам.