Министерот за надворешни работи, Бујар Oсмани, денес, во Виена, оствари средба со Сојузниот министер за европски и меѓународни прашања, Александар Шаленберг.
Во фокусот на разговорите беа актуелните случувања во ОБСЕ регионот, впечатоците од одржаниот Министерски совет на ОБСЕ во Полска, како и приоритетите на претседавањето со Организацијата од страна на Северна Македонија. Централна тема беа предизвиците на руската агресија врз Украина, но и нестабилноста во целиот ОБСЕ регион, другите конфликти и идната улога на Организацијата.
Двајцата министри се осврнаа и на актуелните предизвици околу миграциите со кои е соочен европскиот континент, при што беше потенцирана улогата на Северна Македонија која успешно се справува со мигрантските текови кои се дел од т.н. Балканска рута на движење.
„Потпишувањето на Договорот помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за оперативни активности спроведени од Агенцијата на ЕУ Фронтекс, со кој се воспоставуваат одржливи и трајни решенија во справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал претставува суштинска додадена вредност во справувањето со мигрантската криза. Како и порано, ние остануваме партнери и на Европската Унија, но и посебно на земјите од нашето пошироко регионална опкружување со цел справување со било каква можна ескалација на овие состојби“ истакна Османи.
Министерот Османи се заблагодари за учеството на австриски полициски службеници во рамки на заедничката меѓународна операција за заштита на нашата јужна граница, поддржана од Европската Комисија, како значителен придонес во зајакнување на капацитетите на нашата гранична полиција во борбата против илегалната миграција и криумчарењето мигранти.
Соговорниците се осврнаа и на продлабочувањето на развиената економска соработка меѓу двете држави, политичко-економските последици, предизвикани од руската воена агресија врз Украина и други актуелни меѓународни прашања.