Денеска (04.04.2023) во Порторож, Словенија министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Словенија, Оливер Спасовски и Боштјан Поклукар на маргините од Министерската конференција во рамки на Брдо процесот остварија билатерална средба.
Министерот Спасовски упати благодарност до својот словенечки колега Поклукар за топлиот пречек и истакна дека особено му е драго што повторно ќе имаат можност да соработуваат и дека посветено ќе продолжат да работат на прашања од заеднички интерес како за двете Министерства за внатрешни работи, така и за нашите две пријателски земји.
„Како што и самиот знаете, регионов и натаму се соочува со многу безбедносни предизвици од кои би ги издвоил недозволената трговија со дрога, борбата против тероризмот и радикалниот екстремизам, финансискиот криминал и сите видови на организиран криминал, што пак нам како министри ни налага непосредна и блиска соработка помеѓу нашите две Министерства како на билатерално, така и на регионално ниво. Приоритет и фокус несомнено и во периодот што следи како во регионов, така и во европски рамки е миграцијата односно нелегалната миграција за која што говоревме и во рамки на оваа средба на Министри на земјите од Брдо процесот“, истакна Спасовски
Спасовски го информираше Поклукар дека на наше огромно задоволство Република Северна Македонија на 19 април 2023 година и формално ја започнува првата операција на Агенцијата на ЕУ за европска и крајбрежна стража, за што изминатиов период беше интензивен во размената на информации и договарања со претставниците на Фронтекс и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, а на 20 април во Скопје по тој повод е предвидена и Свечена Церемонија.
На средбата двајцата министри за внатрешни работи заклучија дека ефикасното организирање на секаков вид соработка е незаменливо средство за јакнење на безбедноста на секоја земја, а со тоа и на регионот. Министрите Спасовски и Поклукар изразија искрена благодарност за колегите од граничните служби на Република Северна Македонија, на службите во регионов но и од земјите од ЕУ меѓу кои беа и словенечките полициски службеници кои со сплотена соработка и преку Заедничката операција за засилен надзор на јужната граница постигнаа одлични резултати во справувањето со илегалната миграција и криумчарењето мигранти.
Министерот Спасовски во оваа прилика го информираше својот колега Поклукар дека годинава сме домаќини на 50. Европска регионална конференција на Интерпол што ќе се одржи од 8 до 10 мај во Охрид, одбележуваме и триесет години од зачленувањето на Републиката во глобалната криминалистичка организација, па одржувањето на Конференцијата го конципиравме и споивме и со прославата на Денот на полиција 7 мај и лично го покани министерот и негова делегација да ни се придружи на овие настани кои се од голема важност за државата и за Министерството. Спасовски се заблагодари за целокупната поддршка што Министерството за внатрешни работи на Република Словенија ни ја пружа на билатерално и на меѓународно ниво изминатиов период, особено во нашите напори за европска интеграција.
Од страна на министерот Поклукар беше изразена благодарноста за одличната соработка помеѓу двете МВР, а беше прифатена и поканата од страна на министерот Спасовски да ја посети Република Северна Македонија, согласувајќи се со премисата дека секоја заедничка средба носи силна порака на сигурност за сите граѓани.