Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции на својот фејсбук профил објави пресек на активностите на АДА, првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, во јавниот сектор, во првите 48 часа од неговото лансирање.
„Транспарентност, ефективност и ефикасност е целта која ја сакавме и која се постигнува со АДА веќе во првите 48 часа од нејзиното лансирање.
Во овие два дена АДА има дадено јавни услуги кон 1321 граѓанин и со нив има разменето повеќе од 24.877 пораки, разговори кои граѓаните ги имаат донесено до бараните информации и документи. АДА во последните 48 часа била активна 166.000 секунди или 46 часа.
Дигитализацијата неизбежно се случува, засилено веќе години наназад во приватниот сектор а сега чекорот го фаќа и јавниот сектор.
АДА е дигитална алатка, дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, кој дава информации и услуги за граѓаните и бизнис секторот.
Во оваа прва фаза, АДА на сите заинтересирани граѓани и компании ќе им ги нуди сите информации за поддршка на инвестиции по Планот за економски раст, сите повици од програмата на ФИТР, како и условите за инвестирање во нашата земја преку ТИРЗ. Во иднина АДА ќе дава и други услуги од јавниот сектор.
Во оваа фаза АДА обезбедува првични информации и податоци за потенцијалните и постоечките инвеститори. Крајната цел на разговорот со АДА е да ги поврзе инвеститорите и граѓаните со вработените административни службеници, од соодветната институција, со цел заокружување на процесот преку потпишување на договори за финансиска поддршка за инвестиции или апликација на некој од повиците на ФИТР.
АДА за граѓаните на едно место ги сумира сите потребни информации и ги води во процесот додека да го најдат она што вистински одговара на нивните потреби, од удобноста на нивниот дом или работно место, а друга страна ги унапредува работните места, процесите и ефективноста и продуктивноста на вработените во јавниот сектор.
АДА е промената која ни е потребна и за која постојано зборуваме, на дело!“, напиша вицепремиерот Битиќи.