Средба на министерката Божиновска со претставници на Македонската асоцијација за обновливи извори на енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со претставниците на МАРЕС – Македонската асоцијација за обновливи извори на енергија, организација во која членуваат, како домашни, така и странски субјекти кои се активни во доменот на обновливите извори.

Во текот на разговорот, министерката ги запозна соговорниците со приоритетите на новото министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и во таа прилика потенцираше дека очекува да се воспостави значајна соработка со асоцијацијата, имајќи ги предвид стратешките цели за зелена транзиција и декарбонизација на државата во наредните години. 

Притоа, министерката ја подвлече важноста од постојано зголемување на уделот на таканаречената зелена енергија во севкупното производство и потрошувачка на енергија кај нас, истакнувајќи дека инвестициите во оваа сфера се навистина важни, но дека не помалку важен е и фактот дека натамошниот развој мора да се одвива паралелно со модернизацијата на електроенергетската мрежа и зголемувањето на капацитетите за складирање на енергијата добиена од обновливите извори.

Во овој контекст, министерката истакна дека во делот на капацитетите за складирање изминатите години не е направен некаков позначаен исчекор и упати повик до претставниците на МАРЕС да се размислува и активно делува во таа насока во идниот период, а со цел да се обезбеди максимална полза од искористувањето на енергијата од обновливи извори.

Покрај ова, на средбата стана збор и за плановите за енергетска транзиција на државата, при што заеднички беше констатирано дека водењето грижа за праведната транзиција нема да предизвика шокови за економијата и населението, туку напротив, ќе обезбеди одржливи и долгорочни решенија од кои полза ќе имаат сите чинители во сферата на енергетиката во нашата држава.

Претставниците на МАРЕС ја запознаа министерката со активностите кои ги презема оваа асоцијација и го истакнаа задоволството што после многу години, се формира соодветно министерство за енергетика рударство и минерални суровини, преку кое ќе може да се адресираат сите прашања од наведените сфери и истите партнерски да се решаваат во интерес пред се, на граѓаните на нашата, но и сите засегнати страни. Меѓу другото, беше разговарано дека МАРЕС ќе изготви предлози од нивна страна и ќе ги достави до Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.