Министерот Перински имаше состанок со градоначалниците на општините од Југозападниот плански регион: Со приоретеризирање на потребите и со добри проекти ефикасно ќе ги решаваме работите

Министерот за локална самоуправа Златко Перински на состанокот со градоначалниците на општините од Југозападниот плански регион ги отвори сите приоритетни прашања со кои што се соочуваат локалните власти.

Министерот Перински истакна дека најважно е да се приоретизираат потребите на граѓаните и со добри проекти ќе се пристапи кон нивно ефикасно решавање. Владата обезбеди средства и решавањето на потребите на граѓаните за нас е приоритет, затоа општините треба да покажат подготвеност за ефикасна реализација на расположливите сто милиони евра само за оваа година.

На состанокот беше истакнато дека  Министерството за локална самоуправа ќе ги обезбеди сите услови процесот на прибирање на проектите и нивната проверка да биде ефикасен и транспарентен.

Сите општини имаат еднакви можности, ова е шанса да се покаже спремност дека општините имаат капацитет од следната година да реализираат и поголеми средства. Целта на Владата е за неколку години да се надминат егзистенцијални прашања со кои што граѓаните во денешни услови не треба да се соочуваат, како што се подобрување на уличната  инфраструктура, комуналната и социјалната инфраструктура. Очекуваме проекти кои што ќе решаваат реални проблеми и ќе го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните во целата држава, рече Перински.

Од страна на претставниците на локалните самоуправи беше истакнато дека ќе аплицираат на повикот со цел да се обезбеди реализација на покрупни капитални инвестиции, при што беа посочени проекти од типот Прочистителна станица за село Трпејца во Охрид, водоводен систем за село Сланско во Македонски Брод и пат Пласница -Преглово- Дворци- Лисичани во општина Пласница како дел од инвестициите за кои општините ќе аплицираат.