Мицкоски: Борбата продолжува, илинденците и партизаните со оружје за слобода, ние со ум, визија и енергија за иднина каква заслужува секој еден човек на Македонија

Почитувани членови на Владата,

Почитувани екселенции,

Почитувани претставници на медиумите,

Уважени гости,

Дами и господа,

Денес е светол ден. Го празнуваме херојското дело и подвикот на илјадници кои славната 1903-та година кренале востание, кое не е само востание за слобода, туку и востание на слободарскиот дух, борба за правдини, верба во вредности и надеж да се победи по векови ропство, падови, тежок живот и бројни жртви.

Имаме долг, кон историјата, но и пред себе, како луѓе да покажеме достојна почит и со сериозно достоинство и поклон да се однесуваме кон делото и херојството на овие луѓе. Треба секој од нас овде, и насекаде низ светот, да знае дека хероите беа скромни и пркосни луѓе кои со своите животи ја плаќаа слободата која денес ја имаме и живееме. Секое парче земја по која денес се движиме е натопено со крвта на илинденците, со маката и жртвата на илјадници пред тоа, што само дава одговор дека нашата борба има континуитет, таа траела и опстојувала, дека хероите се сите оние кои на свои плеќи со своја жртва ја плаќаа скапата цена на слободата која имаме денес.

Но, мора да се признае и почитува визионерството на таа илинденска генерација херои. Во тоа време во Европа монархиите го имаат главниот замав и полниот сјај, а овде среде лутиот Балкан, во поробената Македонија, во малото и славно Крушево се раѓа Републиката чии темели се потпираат врз идејата за демократија, народно владеење и целосно почитување на човековите права. Со што само се потврдува визионерството на хероите, но и фактот дека секогаш во кодот на нашиот народ била почита на народната волја, колективните права и достоинството на поединецот. Многу сум горд на мојот народ што никогаш не посегнавме по туѓо, никогаш не посакавме нешто што не е наше, и секогаш дававме почит без исклучок кон сите останати. 

Овде од овие шуми и падини не се сведочи само за громогласното ехо на комитите кои во овие часови пред точно 121 година, извикуваа УРА за Слободна Македонија, туку и за нивната посветеност и неспорна грижа за својот народ и огромната жртва која ја дадоа. Како и неспорното дело на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација ВМРО која беше мајката на македонската борба за слобода. И кога некој ќе се обиде да збори за нашето слободарско дело како земја или ќе праша каде се хероите или ќе говори за слобода или посега по нејзе нека се потсети на фактот што дел од луѓето на четите на славните војводи Никола Карев и Питу Гули беа и со ненавршени 19, и 20 години, со огромна енергија и жар ги положуваа животите водени со мисла, идеја, верба и надеж за слобода каква имаме денес и иднина за која се бориме и денес. Тие го даваа најскапото.

За нашата иднина!

Нивната храброст, нивната непокорливост и нивната жртва се неповратно вткаени во нашиот колективен македонски идентитет.

Со Крушевската република тие ни оставија наследство на борба и надеж - наследство кое денес гордо го носиме и го чуваме како најголема светост.

Денес, додека ја чествуваме оваа величенствена историја се потсетуваме на зборовите на нашиот голем револуционер Гоце Делчев кој рекол: „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех! Јас сакам револуција со кадарни граѓани подготвени да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба…“.

Овие зборови се ехото на нашиот слоган „Борбата трае“, потсетувајќи нѐ дека борбата за слобода, правда и за подобра иднина бара истрајност, храброст и единство.

Илинден не е само историска приказна или историски сон, туку пред се историска вистина. Илинден е нашиот најсилен повик за акција и единство денес.

Во време на глобални предизвици, нашата борба за зачувување на националниот идентитет и суверенитет е посилна од било кога. Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата култура, за нашата слобода.

Од нив треба да научиме како се добиваат големите победи, бидејќи битка може да изгубите, но важно е да победите во својата конечна цел.  Истрајност, внимателност и пред се добар план да се дојде до вистинската цел.

Ќе ги повторам овие реченици за оние кои сакаат да брзаат и кои мислат дека целта им е пред нос.

Истрајност, внимателност и пред се добар план да се дојде до вистинската цел.

Тоа е стратегијата што треба и ние да ја користиме, да бидеме гласни во нашите ставови, да имаме план и да бидеме истрајни.

Борбата не е завршена!

Борбата продолжува!

Борбата ја водиме со секој наш изговорен збор, во секоја наша направена акција, со секоја наша мечта за подобра иднина.

Ова е борбата на нашата генерација со која оставаме трага низ времето, цврсто верувајќи во нејзината исправност и големина.

Борбата продолжува, илинденците и партизаните со оружје во рака за слобода, ние со ум, визија и енергија за иднина каква заслужува секој еден човек.

И оваа борба, немаме опција да ја загубиме, и само заедно, во големо единство и со голема посветеност ќе ја добиеме.

Најважниот дел од секоја борба е единството. Забележете ги внимателно зборовите од Крушевскиот манифест кој освен тоа што ја слави слободарската идеја, неговата најголема порака е повикот за единство. Врз тоа единство се градеше Крушевската република, и во име на тоа единство сите го кренаа бајракот на слободата. Вистинското прашање и дилема денес е дали тоа единство постои во состојба кога борбата мора да трае, за да имаме победа.

А денес имаме сериозни обиди за нарушување на тоа единство. Поединци кои си играат со колективните судбини и го продаваат тоа единство.

Драги пријатели,

Навистина посакувам секоја генерација да создава и остава зад себе меморија и дела за тоа како се гради, инвестира и создава. Многу ќе беше полесно, многу ќе беше поедноставно доколку една генерација го наследи делото и продолжи она што го градела претходната. 

Не би бил одговорен кон себе и кон сите вас доколку не кажам дека она што го затекнавме како Влада не е само запоставена држава и институции туку и ограбена и недомаќински разграбена држава по сите параметри.  

Не можам да ја одбегнам неодговорноста поради неописивата радост на опозицијата поради пожарите и таа решеност и истовремено неодговорност да се прави политика од колективната несреќа и борбата на сите нас секојдневно да се стават под контрола пожарите во државата. Но и фрапантното е лицемерие за делење на лекции и памет од истите оние кои на Владата и оставија летала за гасење на пожар кои не летаат, без екипаж, институции за спасување без опрема и без било каква организираност.

Политиката на ниски страсти која ја водат говори само за недостаток на визионерство, конфликтите од внатре кои сакаат да ги пренесат надвор, нивните проблеми, да станат проблеми на нацијата и давењето во калта во која сакаат сите да не повлечат. Е тоа нешто кое нема да го дозволам. 

И додека го држам овој говор сакам да им оддадам должна почит на пожарникарите и луѓето кои и денес се на терен и се борат со огнените стихии кои се предизвик со кој се соочуваат многу држави. Настапуваме организирано и работите мора да ги држиме под контрола.

Ќе продолжиме независно од тоа што го слушаме што го говорат неодговорни политичари, лица да го даваме својот максимум.

Ќе се бориме и во Источна и во Централна и во Западна и во Јужна и во Северна Македонија секаде каде има потреба на овие 26 илјади квадратни километри.

И нема да влегувам во нивниот наратив на ловење на сеништа, ниски удари и разградување на единството.

Затоа што додека ја решаваме катастрофата која ја наследивме овој еден месец се борам и за нови инвестиции какви имавме редоследно три нови по ред, за повисоки пензии каква одлука донесовме, како и нови средства за капитални инвестиции во општините и поддршка на домашниот бизнис.

Тоа што ќе се менуваат работите не им одговара на оние кои со децении ја краделе оваа држава, се однесувале како моќници, се заканувале, се богателе на грбот на граѓаните.

Не им одговара на сите оние кои научија дека овде нашата татковина не може да биде земја за едни е мајка, за други маќеа, таа е заедничка татковина.

Мора да ставиме ред, бидејќи кога нема систем постои мито и корупција.

Систем е потребен за да се стави ред.

Оние кои ме знаат, знаат дека сум човек кој држи до својот збор.

А пред вас дадов завет дека мојата татковина е моето семејство и дека ќе се грижам за неа како да се грижам за своето семејството.

Дадов завет дека нема да ве разочарам, бидејќи не барав ваша поддршка да продолжиме по принципот како досега – што милуваа нашите претходници да кажат, туку да воспоставиме систем што ќе функционира.

Да направиме држава каде нема да има граѓани од прв и втор ред.

Да имаме држава каде секој ќе знае дека е заштитен, а не уплашен ако му се закани некој политичар.

Ова не смее да биде држава каде ќе има неправди.

Ова не смее да биде држава каде ќе има наредени и потчинети поради политичка припадност.

Ова ќе биде земја каде ќе се почитува секој оној што е чесен, искрен и вреден, а ќе се казнува секој оној што е корумпиран.

Да ги вратиме вредностите онаму каде е место – тие кои се огрешиле кон законите да одговараат, работниците да бидат со пристојни плати, младите со шанса за иднина, земјоделците да бидат задоволни, лекарите почитувани...Македонија повторно горда и повторно твоја.

Направени се големи национални предавства. Но, ќе се носиме достоинствено со овие проблеми и ќе градиме принципиелни односи помеѓу рамноправни партнери, а не помеѓу господари и поданици.

И сакам да потенцирам колку пати и да ме прашаат и во колку и форми да се постави прашањето за Бугарија, одговорот секогаш ќе биде единствен....ние сме за достоинствено решение, и сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет и по цена на погазено достоинство. Воедно неспорна е нашата заложба за членство во Европската Унија, исто како што е неспорен и нашиот ангажман во исполнување на критериумите. И ова го правиме не за да угодиме на некој однадвор, туку да си помогнеме себе си одвнатре. Но, воедно неодминлива е и забелешката дека овој процес трае предолго, со премногу препреки, сопки и барања кои не секогаш се разумни, а многу повеќе политички. Ние ќе водиме дијалог, но со блага горчиња ќе се присетиме дека држави кои направија многу помалку од нас, но и без политички сопки на тој план сега се рамноправни членки. Тој интегративен процес мора да биде двонасочна улица во кој ќе се слуша и нашиот глас. И верувам во решенија диктирани од разум, а не од силата. Решенија кои ќе создаваат и носат иднина, наместо живот во минатото.

Драги пријатели, браќа и сестри,

Она што ме загрижува доколку се погледне големата слика е што постојат елементи и субјекти во општеството кои континуирано на маса ставаат барања кои создаваат конфликти и го напаѓаат единството. Во таа смисла неодминливо е чувството дека не сите субјекти и политички чинители подеднакво посветени на нашата татковина,  односно во наративите тие секогаш ќе ја почитуваат, но со делата кои ги ставаат на маса тие го прават токму спротивното. Затоа претходно ви говорев за единството врз кое се градеше Крушевскиот манифест  кое денес се помалку го имаме, а е идеал за кој вреди секоја борба денес и затоа борбата мора да трае. И ова е политичкиот фолклор, иако во самата суштина мотивите за ваквото однесување кон татковината се еднакви на тоа како да е туѓа, а тие истите се наоѓаат во лични интереси и лукративни цели за жал кои се уште се присутни. Смислуваат барања за да дојдат до власт која за нив значи привилегии, пари, трговски центри, империи, згради, имоти, удобства стекнати на грбот на народот. И тука сето тоа го плаќаат заедно и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Ромите и Бошњаците и сите граѓани. И  кога така се расфрлаат со барања со кои удираат по државата, треба да се свесни дека и јас како лидер можам и во суштина имам барања кои лесно може да се извадат на маса, но дали тоа ќе ги реши суштинските проблеми на граѓаните. Дали тоа ќе донесе доверба едни кон други и дали тоа ќе обезбеди иднина за сите нас. А сите сме под едно исто небо и делиме една заедничка судбина. Суштината не се политичките барања што може да се измислат, туку напорот да го направиме животот на граѓаните подобар. Не е поважно какво слово ќе има на парче хартија, од тоа каков живот има во реалноста. Не е поважно од тоа каков закон ќе има од тоа дали Липково, Желино, Тетово или Делчево има вода за пиење. И Македонците, и Албанците, И Турците, и Ромите, и Србите, И Власите, и Бошњаците и сите останати се вистински уморни од злоупотребата на нивните позиции и фактот што политички елити градат кариери на нивниот грб додека сите заедно делиме иста судбина. Затоа нема да водам разговор на теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања, и ги повикувам сите партии, субјекти и лидери ајде да зборуваме за она што е вистински важно, а тоа е економија, образование и иновации кои носат иднина. Ајде да зборуваме за повеќе пари за народот и економија. Ајде да отвориме дебата за економијата и како да ги решиме проблемите на граѓаните овде во Крушево, Гостивар, Дебар или Струмица и Прилеп, Кавадарци или Кичево. Подавам рака за решавање на проблеми, за конструктивни дијалози и за предлози како до подобар живот. Подавам рака за дијалог за економска, правна, чувствителна обнова за нашата заедничка Македонија. Еве ги слушам вашите предлози. Да обезбедиме единство за економска иднина.

Така ќе го градиме единството и ќе создадеме иднина за сите.

Имаме економска визија за развиена Македонија. Доаѓа нова ера на развој и на нови работни места. Ова е само почеток на нашата економска преродба, а најдоброто допрва доаѓа. Нашата цел е да создадеме стабилна и просперитетна економија која ќе им овозможи на сите наши граѓани подобар живот и сигурна иднина.

Драги пријатели,

Дозволете ми да им се обратам на младите! Младите се нашата иднина.

Тие се нашата надеж и нашата сила. Вложуваме во нивното образование и во нивниот развој за да ги подготвиме за предизвиците на иднината. Младите се тие што ќе ја водат државата напред, а ние сме тука да ги поддржиме на секој чекор од нивниот пат. Им порачувам на младите: не плашете се од предизвиците, бидејќи вие сте тие што ќе ја градите иднината, и вие сте тие кои мора да го негувате, браните и да се борите за единството.

Почитувани пријатели,

Заедно се боревме во Илинден и заедно ќе ја изградиме новата и силна заедничка татковина.

Нашата сила е во нашата различност и нашето единство.

Само заедно можеме да изградиме заеднички светилник во темнината.

Илинден е нашата заедничка инспирација и нашиот најголем потсетник дека секоја генерација има своја борба.

Како што нашите предци се бореа за слобода и правда, така и ние денес заедно се бориме за нашите идеали.

Ова е нашата заклетва дека никогаш нема да се откажеме, дека секогаш ќе се бориме за нашата заедничка татковина, за нашите деца и за нашата заедничка иднина.

Нашата сила е во нашето единство и заедништво!

Без разлика на различностите, сите ние сме дел од една поголема цел!

Ова е повик за солидарност за да изградиме посилна држава на еднакви граѓани!

Во оваа смисла, од тука, на славниот Мечкин камен повикувам на единство и со нашите политички противници.

Да ја имаме пред нас големата слика на развиена и европска држава.

Држава која е обединета независно од нашите политички разлики.

Да зборуваме во еден глас!

Да се бориме заедно и да освојуваме големи врвови и да победуваме заедно!

Борбата трае е повеќе од слоган.

Со оваа порака ние го славиме Илинден и се потсетуваме на нашата одговорност да ја продолжиме борбата за подобра и поправедна земја.

Борбата трае и ние сме тука да ја продолжиме.

Нека секој збор, секоја акција и секој сон за подобра иднина бидат нашата борба.

Нека нашата борба трае, како што траеше и во времето на нашите предци.

Како што рекол големиот Винстон Черчил „Крајот на една ера значи почеток на нова. Најдоброто нешто што можеме да го направиме е да ја прифатиме промената со надеж и да се стремиме кон подобра иднина.“

Нека е вечен споменот за Илинден!

Ви благодарам што бевте денеска овде со нас и Бог да ја благослови Македонија!