Регионалниот центар за односи со јавноста (PARC), во Министерството за одбрана вчера официјално се стекна со безусловна НАТО акредитација, со што стана единствениот НАТО акредитиран центар во државата, како и единствен акредитиран Центар специјализиран за обука од областа на односите со јавноста и стратегиските комуникации во Алијансата.
Ова признание е резултат на темелен процес на евалуација спроведен од страна на НАТО тим од експерти, кој на 4 и 5 декември 2024 година го оценуваше центарот според 31 стандард за обезбедување квалитет во три клучни области: лидерство и менаџмент, квалитет на обуките и придонесот кон НАТО.
Со оваа акредитација, Министерството за одбрана добива меѓународно признат центар за обука кој ќе има клучна улога во зајакнување на комуникациските капацитети на НАТО, сојузничките и партнерските земји. Отсега PARC нуди сертифицирани обуки со степен на сертификација “NATO approved” од делот на стратегиските комуникации со фокус на воените односи со јавноста кои директно ќе поддржуваат НАТО мисии и операции, овозможувајќи развој на нови генерации воени комуникациски експерти.
Акредитацијата дополнително ја зајакнува улогата на нашата земја во Алијансата, обезбедувајќи поголема интеграција на Министерството за одбрана во НАТО структурите за едукација и обука. Ова отвора можности за зголемена соработка со НАТО центри и партнерски институции, развој на нови обуки и пристап до меѓународни ресурси и експертиза.
Овој успех е резултат на долгогодишната посветеност на PARC и Министерството за одбрана кон усогласување со највисоките НАТО стандарди. Со успешното завршување на овој процес, државата ја зацврстува својата позиција како доверлив и активен придонесувач во Алијансата, со центар кој ќе продолжи да биде столб за едукација и развој во областа на стратегиските комуникации и воените односи со јавноста.