На денешното чествување на 80 годишнината од Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа Заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем Љупчо Димовски имаше обраќање пред присутните.
Почитувани присутни, другарки и другари борци, дами и господа,
Ми претставува особена чест што имам можност токму од пред Партизанските гробишта, вечното почивалиште на македонските херои од Антифашистичката Народно Ослободителна Борба, да ви се обратам и со вас со гордост да го чествувам денешниот ден, големата Победа над фашизмот.
Со големо достоинство, длабока и искрена благодарност им се поклонуваме на македонските борци и партизани кои го положија сопствениот живот за освојување на слободата која македонскиот народ и сите народности од овие простори со векови ја посакувале.
Тие се темелот на нашата држава и на нашето достоинство и постоење како народ, свесен за својата големина, затоа што Македонците со својата чест, правдољубивост и слободарство во најцрниот период од своето постоење застанаа на вистинската страна заедно со сојузниците и со сите напредни народи спротивставувајќи се на фашистичкиот окупатор.
9-ти Мај е круната на македонската идеја за сопствена држава, денот во кој се остварија сите надежи да бидеме свои на своето, слободни и независни.
Овој победнички ден претставува заокружување на страдањата и жртвите од Илинденската епопеја и сите борби кои во својата историја македонскиот народ ги водел.
Овој ден претставува остварување на нашата идеја за самостојна Македонија. Тоа е идејата која била главниот мотив за сите македонски учесници во воениот виор, идејата која ги крепела низ сите искушенија, предизвици и битки.
Впрочем, сите формирани партизански одреди ги носеле имињата на нашите илинденски великани што само ја потврдува силната поврзаност меѓу првиот Илинден од 1903-та година со 1941-та година и со АСНОМ, столбот на современата македонска држава.
Нашиот народ, во Втората светска војна, даде немерлив придонес во борбата против најголемото зло на XX Век. Тие борци, чиј спомен го чуваме, не обврзуваат да бидеме будни, да го чуваме мирот и да се бориме за правда и еднаквост, да се грижиме за нашиот народ и македонската држава..
Денес, кога Република Македонија чекори по патот на просперитетот и остварување на стратегиските цели, ние ја продолжуваме нивната борба, но сега со разумен дијалог, со реформи, со почитување на различностите и со изградба на стабилен и инклузивен политички систем, рамноправно општество и со надградување на демократските вредности како сите развиени европски држави.
Ќе ми дозволите во оваа пригода, како наследник на непосредните учесници во партизанските одреди, токму од ова место каде што историјата во својата тишина зборува најгласно, со воскликот на храбрите македонски партизани, борци и херои „Смрт на фашизмот – слобода на народот!“ да упатам повик до сите нас: да останеме обединети, да ги зачуваме вредностите и придобивките за кои борците ги положија своите животи, и да работиме за иднината која тие ја сонуваа – слободна, праведна и европска Македонија.
Вечна слава на борците против фашизмот!
Нека е честит 9-ти Мај – Денот на победата!