Не треба да ги обвинуваме домаќинствата затоа што тие немаат алтернатива, за жал никој до сега не им обезбедил алтернатива, а кога би имале тогаш третирањето на темата би било поинакво и работиме на тоа да обезбедиме алтернатива за домаќинствата, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска на надзорната расправа во Собранието за аерозагадувањето.
Премиерот Мицкоски додаде дека најчесто таа алтернатива е централно греење, а во моментов само дел од Скопје има таков начин на затоплување преку централно греење и има индивидуални обиди во општини каде е инсталираат гасни котли за затоплување на јавни објекти.
Но нема далечинско централно затоплување на домаќинствата и можеби тоа е причината зошто луѓето користат најчесто фосилни горива, но не ретко и користат практично се. Од прегорено масло, преку отпадни гуми, стар мебел и покуќнина за да може да ги затоплат своите домови. Тоа може да се надмине само на еден начин ако се реализираат овие проекти и ако се работи на свесноста на сите чинители во општеството. Во годините кои следат дел од овие проекти за дел од општините ќе се реализираат и ќе обезбедат почиста и поздрава животна средина, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека исто така во таа насока се субвенциите за инсталирање на ефикасни котли на гас во јавни објекти, топлинските и геотермалните пумпи.
Како влада се заложивме и сме во напредна фаза на одблокирање на заем од Светска банка да бидеме пријателска влада кон околината преку реконструкција на јавните објекти. Многу работи се случуваат ќе продолжат да се случуваат, изјави премиерот Мицкоски.