Стоилковиќ: За една година Влада, разликата во работењето на МОЗ е огромна и видлива

На денешната панел-дискусија „Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа“ одржана по повод една година Влада, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ зборуваше за затекнатите проблеми при стапувањето на функцијата во МОЗ, но и за тоа што сѐ е направено во изминатиот период.
Обраќањето ви го испраќаме во целост: 
- Кога ќе го слушнете премиерот како зборува дека затекнавме држава со разрушени темели, тоа најдобро може да се отслика во состојбата која ја затекнав во Министерството за односи меѓу заедниците. Од проста причина што таму не постоеше ниту програма за работа ниту документи за внатрешна работа. Едноставно работата се одвивала, да не речам, надвор од правилата и прописите, надвор од законите и Уставот на нашата држава. 
Така, она што прво успеавме и што видовме дека треба да се направи беше да усвоиме Стратешки план за работа. Стратешкиот план за работа предвидува активности на Министерството во однос на стабилизација на меѓунационалните односи, од една страна, и воспоставување на политичка стабилност на државата како неопходен услов за економски развој. Кога го завршивме тој процес и кога ги воспоставивме и внатрешните документи за работа и донесовме и програма, работите почнаа полека да се одвиваат. Она што би требало посебно да се истакне, тука доаѓам до делот од работењето на Министерството, е дека од времето на претходниот министер до денеска, односно до Буџетот со кој јас управувам, трошоците се намалени за 60 %, значи сите непродуктивни трошоци се укинати и сѐ што на некој начин било резултат на претходно неодговорно работење повеќе не постои. Тоа се огледа не само во тоа што е дел од мојата обврска, туку и делот од внатрешните реформи во Министерството. 
Трета работа која сметам дека, исто така, е многу битна е дека навлеговме потполно во реализација на програмата нема седење дома, а примање плата на Советот за реформа на јавната администрација. Така, од 296 вработени кои ги затекнав во Министерството по различни основи веќе 112 не се вработени во Министерството на различни начини, по различни основи. Да не бидам сфатен погрешно, тие 112 луѓе не се во Министерството на законски начин, зашто МОЗ сѐ уште нема добиено ниту една поплака, ниту жалба, ниту тужба во однос на одлуките кои ги донело. Од тој аспект ни останаа уште 79 такви лица, а тие процеси се во тек и се надеваме дека до крајот на годината ќе можеме да го затвориме и тоа поглавје од работата на Министерството и тоа да остане со некаде 80-90 вработени што сметам дека е некоја рационална бројка за едно Министерството со таква одговорност. 
Успеавме да донесеме нова програма за одбележување на деновите на националните заедници и мислам дека веќе кај припадниците на помалите етнички заедници се чувствува промената и таа е мошне сериозна. И тука ќе продолжиме со активности. Имавме пречки на почетокот, меѓутоа полека но сигурно како поминува времето ги отстрануваме истите и се надеваме дека тие активности ќе земаат замав во добра насока. 
И последната работа за која би сакал да зборувам, тоа е конкурсот за финансирање здруженија и невладини организации затоа што во еден дел имаше реакции во јавноста зошто средствата се распределни на тој начин. Веќе одговорив на некој начин, но сметам дека на македонската јавност треба уште еднаш да ѝ се каже - бидејќи е време на реформи, бидејќи е време на комплетни промени и она што беше повеќе не треба да биде така, и дека суштината на Министерството е сосема променета и освен за припадниците на помалите етнички заедници мораме да се погрижиме и за некои темелни определби на државата како што е борбата против корупцијата и сл., што мораат да бидат дел од тие програмски определби. 
И она што е најбитно, сите сметаат дека министерот носи интерни одлуки за распределба на средствата, што во овој момент не е случај, себеси намерно се исклучив од процесот на донесување одлука и одлуката ја препуштив на комисија која се состои од седум члена, претставници на скоро сите министерства. Од моето Министерство претставник беше припадник на бошњачката заедница, имаше еден припадник на влашката заедница, двајца Албанци и тројца Македонци, тоа е сѐ што се однесува до транспарентноста и до тоа дека водиме грижа за тоа како ќе се распределат средствата за да се избегнат сите коментари дека како и во претходниот период министерот ги користел своите овластувања, па спротивно на препораките си ги менувал одлуките за доделување средства како што ќе си посакал. Во изминатиот период имавме доделување средства на 33 организации од една национална заедница што е сосема неприфатливо, па од тој аспект разликата е огромна и многу видлива. 
И на крајот, она што би сакал да го потенцирам, е дека толку сме го напреднале функционирањето на Министерството што секој кој се појави после мене на тоа место мислам дека ќе навлезе во една добро уредена куќа, со солидни темели каде ќе може да продолжи да живее непречено и да си ја врши својата работа. 
Благодарам.